На вчерашната седница на Советот на општина Центар беше поставено и советничко прашање околу боемската улица.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Трпески го праша градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски зошто, како што рече тој – најскапата улица во Македонија е направена на друга локација, а не како што било ветено во предизборната програма и зошто за целата сума пари се направени само, како што рече, 200 метри улица?
Градоначалникот Жерновски одговори дека тврдењето дека улицата е најскапа е тенденциозен, бидејќи целиот потег кој е испланиран финансиски е многу поголем.
Не е реконструирана само улицата „Ѓорги Пешков“. Вкупната површина е 2700 м2, а во тоа се опфатени и дел од тротоарите од улица „Орце Николов“, на спојот со „Ѓорги Пешков“, дел од улицата „Мирослав Крлежа“, спојот на улицата „Орце Николов“ со „Михаил Цоков“ и тротоарот на улица „Михаил Цоков“, која се наоѓа спроти општина Центар.
„Обидот да се дискредитира општината е неиздржан и нестручен. Неумесна е споредбата со улицата Никола Вапцаров, бидејќи огромна е разликата на квалитетот на материјалите на двете улици. Наша тенденција е улиците да траат долго. По само три години од реконструкцијата на Никола Вапцаров плочките таму испукаа. По објавувањето на сликите, тие експресно почнаа да се менуваат“, рече Жерновски.
Што се однесува до тендерската постапка, Жерновски посочи дека таа била комплетно транспарентна.
По реконструкцијата на улицата, 35 – 50% е зголемен прометот на двете кафеани, а трета се отвора.
Жерновски најави нов проект во цело Дебар Маало „Зона 30“ и очекува поддршка од Советот и од сите советници, на тој потег да се вози со макс. 30 км/ч, за да не се загрозува безбедноста.
Градоначалникот истакна дека угостителите бараат боемската улица да продолжи до градежниот факултет и како што рече – не се откажува од тој проект, даден во предизборието, но и за тоа треба да се добијат соодветните дозволи.
Споредувајќи ги бројките за боемската улица, Жерновски кажа дека улица која беше желба на жителите и е потреба на угостителите е поевтина од еден споменик или од една фасада од проектот „Скопје 2014-та“.