Здружението на новинари на Македонија најостро реагира и го осудува вчерашниот инцидент на македонско – грчката граница кога грчката полиција не и дозволи влез во земјата на новинарката од дневниот весник „Дневник“ Ивана Костовска.
Скандалозно е образложението на грчката полиција дека новинарката претставува закана за јавната и за внатрешната безбедност на земјата. ЗНМ јавно ја повикува Грчката канцеларија за врски во Скопје, Р.Македонија, да даде официјално објаснување за вчерашниот скандал на граничниот премин од грчка страна.
ЗНМ исто така бара итна реакција и од македонското МНР, кое треба да застане во одбрана на граѓаните на кои неосновано им е нарушена слободата на движење. Ова е само еден од низата вакви или слични искуства кои новинарите од Македонија го имале во последниве неколку години во Грција, но предупредуваме дека ваквите блокади за влез на македонски новинари од страна на грчките официјални власти стануваат се позачестени. Повторната забрана за влез на македонски новинар во Грција е недоличен пример за една земја членка на ЕУ.
Својата загриженост за овој случај ЗНМ ќе ја пренесе и на Интернационалната федерација на новинарите како и на претставниците на локалните дипломатски претставништва.