Отпуштањето на 20 вработени од Медија принт Македонија, од кои мнозинство новинари од дневниот весник Вест, претставува смислен удар врз професионалното новинарство и слободата на медиумите, реагираат од Здружението на новинарите на Македонија(ЗНМ).
По смената на главниот уредник Горан Михајловски, со новите откази, менаџментот се пресметува со новинарите основачи на весникот кои не дозволуваат да се злоупотреби новинарството заради интересите на власта. Откако новиот уреднички тим не успеа да го искористи старото руво на Вест за да се протурат ставови на власта, менаџментот се реши да го умртви весникот“, се вели во реакцијата.
Според ЗНМ, со откази менаџментот на компанијата не ги решава причините на кризата.
„Тие не треба да ги бараат кај основачите на весникот, кои од Вест направија најчитан весник во Македонија, туку во новата уредувачка политика, која весникот го претвори во навивач на власта. Во светот се уште не е смислен успешен медиумски бизнис модел, кој е заснован на партизирано новинарство. МПМ е типичен пример како медиумите се користат како монета за поткусурување за задоволување на интересите на нивните сопственици и власта. Само во недемократски земји, медиумите се жртвуваат заради клиентелистичките односи на политиката и бизнисот“, пишува во реакцијата на ЗНМ.