Здружението на новинарите (ЗНМ) со жалење констатира дека оценката на Репортери без граници, според која Македонија е рангирана на 116 место, реално ја отсликува состојбата. Идентично видување на состојбите, како што се наведува во соопштението, има и ЗНМ и на тоа постојано укажувало во изминатата година.
ЗНМ смета дека крајно време е владините институции, но и политичките партии и јавноста да се соочат со фактот дека слободата на медиумите во Македонија е сериозно загрозена и не може да се надмине без суштинска промена на односот кон работата на медиумите и на новинарите.
– Потребна е силна политичка волја да се ослободи просторот медиумите да можат да ја остварат мисијата што ја имаат во секое демократско општество како „watchdog“ и како отворена платформа за дебата за прашања од јавен интерес, оценува ЗНМ.
Лошиот имиџ во светот за слободата на медиумите во Македонија нема да се смени, според Здружението, се додека медиумите се третираат како средство за манипулација со јавноста и како средство за политичка пресметка со противниците.
Репортери без граници денеска го објави индексот за слободата на медиумите за 2013 година, во кој Македонија е рангирана на 116 место, што споредено со претходната година е пад од 22 места.