(ВИДЕО) Селмани: 95% од нападите врз новинарите се извршени од ВМРО-ДПМНЕ

Од:

95 отсто од нападите врз новинарите се извршени од претходната власт, а сегашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ, рече претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани додавајќи дека и новата власт не покажува некој посебен интерес за подобрување на ситуацијата, особено обвинителството кое треба брзо да ги спроведе процесите.

-Новинарите во Македонија работат во небезбедни услови. Минатата година беа тепани, киднапирани, добиваа смртни закани, се прогласуваа за предавници. Имаше и повици за јавен линч, а институциите не усепаа да казнат ниту еден од насилниците, вели Селмани.

Тој пред јавноста го изнесе извештајот за медиумите и безбедноста на новинарите за 2017 година во кој се вели дека медиумските работници се напаѓаат затоа што насилниците сакаат да ги заплашат и замолчат со цел народот да не дознае за делата на политичарите.

-Минатата година се регистрирани 18 нови напади од кои 13 физички и вербални, а останатите се однесуваат на попречување на работата и имотот на новинарите, рече Селмани.

Според извештајот, најбрутален напад врз новинарите имало на 27 април кога, како што кажа Селмани, приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ насилно влегоа во Собранието на РМ со цел да спречат формирање на нова влада.

-Насилниците физички ги нападнаа новинарите при што им беше попречено известувањето за немилиот настан. Утврден е идентитетот на сторителите, но се уште не се изведени пред лицето на правдата, вели Селмани.

Претседателот на ЗНМ истакна дека за разлика од минатите години има подобрување во настапувањето на полицијата во поглед на нападните врз новинарите, брзо ги идентификуваат напаѓачите, но предметите заглавуваат во обвинителството.

Јавното обвинителство се уште нема поднесено обвинение против јавниот повик за линч на новинари. Останаа неказнети повиците на Филип Петровски за линч врз новинарите кои работат во медиумите финансирани од Фондацијата отворено општество.

Исто така, во извештајот за состојбата на медиумските работници од минатата година се вели дека новинарите работат под исклучителнио лоши економски услови, немаат договори за трајно вработување и имаат мали плати. Според истражувањето на ССНМ, 45 отсто од новинарите имаат помали плати од македонскиот просек, а на мнозинството платите им доцнат.

-Сопствениците ја искористуваат ваквата положба на новинарите и им се закануваат со отпуштање за да не ги критикуваат големите огласувачи. Нема подобрување ниту во економското законодавство кое не е целосно усогласено со европските стандарди за медиумите, рече Селмани.

Покрај другото, Селмани истакна дека одлуката за создавање на ад-хок тело за мониторинг на медиумите и изборот на привремен уредник на МТВ дополнитело ги партизира медиумите.

Претседателот на ЗНМ информираше дека потпишан е меморандум со Министерството за внатрешни работи за подобрување на безбедноста на медиумските работници како и дека е закажана средба со новиот Јавен обвинител.

-Новиот министер е отворен за соработка и сака да ги реши проблемите. Закажана е и средба со новиот Јавен обвинител, ќе ја искажеме нашата загриженост за начинот како досега обвинителството ги разгледуваше нападите врз медиумските работници, рече Селмани.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Попречувањето на новинарската работа е недозволиво

А1он

ЗНМ: Грубо прекршување на правата на новинарката Мирослава Симоновска: Повик за итна истрага

Чадиковски ги повика институциите да се најдат сторителите на запаленото возило на директорот и новинар на штипската Телевизија М НЕТ

ЗНМ: Запалено возилото на колегата Серсемов, бараме итна акција на МВР

Судскиот совет одлучи по претставката на ЗНМ: јавен укор за судијата Спировска Панева

ЗНМ: Нова контроверзна пресуда на Основниот граѓански суд Скопје