Здружението на новинари на Македонија, реагира на „непримерната јавна комуникација проследена со груби навреди и закани кон новинари објавени на фејсбук профилот именуван како Божидар Божиновски“.
„Лицето Божиновски во изминатите денови, преку социјалната мрежа Фејсбук, во еден од постовите, на споменатиот профил , објавува лична фотографија од новинарот Борјан Јовановски и во текстот вели дека: ,,тој е копито фашистичко се појавил на телевизија и не кажал ништо за фашистите во Охрид… на овој би му сугерирал опција Адолф, што побрзо да не спаси од неговото постоење“, велат од ЗНМ.
„Објавување на ваков тип на содржина за колегата Јовановски може да поттикне говор на омраза од страна на трети лица на социјалните мрежи како и на дел од он лајн медиумите. Омразата директно може да ја загрози безбедноста на новинарите и останати поединци со што кривична одговорност освен сторителите имаат и оние кои ги поттикнале делата од омраза. Слободата на изразување потребно е да се промовира и негува како една од најважните човекови права, но истовремено потребно е да се знае дека остварувањaто на овие слободи вклучуваат обврски и одговорности“, се вели во соопштението на ЗНМ.