Од ЗМСТАС се жалат дека сè уште не е решено прашањето за сестрите концесионери. Оттаму алармираат до Министерството за здравство дека повторно го отвораат сè уште нерешеното прашање и покрај разговорите со министерот Филипче и со гранскиот синдикат.
„Измените во Законот за здравствената заштита сè уште се на стенд бај, зголемувањето на коефициентите на платите, исто така. Иако имавме директни преговори и со Министерството за здравство и со гранскиот синдикат, остварувањето на нашите цели од за нас нејасни причини повторно наидува на пречки. Апелираме до надлежните дека ние нема да се откажеме од правата што ни следуваат. По исходот за Законот за концесионерите, продолжуваме со барањата за нивно враќање во ЈЗУ и уредување на нивните договори за работен однос во амбулантите. А секако дека не ги забораваме и проблематиките со непризнавањето на школите, односно усогласување на образованието со потребите на здравството“, изјави претседателот на ЗМСТАС – „За нас“, сестра Горданка Бешлиовска, на годишното собрание на здружението за изминатата година.
На собранието присуствуваа делегати од целата држава, од сите здравствените институции.