Жители на Ново Маало денеска го поздравија почнувањето на градбата на станбено-деловниот комплекс „Гранд“, спроти „Холидеј Ин“ и истакнаа дека се среќни бидејќи се гледа почетокот на крајот на нивниот повеќедецениски проблем и што конечно и тие ќе добијат достојни услови за живот, како што доликува на едно централно градско подрачје.
– Повеќе од 50 години живеевме во услови како од 19-тиот век, без фекална и атмосферска канализација, со септички јами, нерешено греење и без основни услови за движење низ улиците, притоа и без никаква можност самите да го решиме овој проблем и самостојно да пристапиме кон легална реконструкција на нашите домови. На овој простор нема никакво зеленило, ниту инфраструктура, единствено кал, распукан бетон и депонија за отпад, нагласија во пишана изјава жители на Ново Маало, откако претходно инвеститорот објави дека почнуават активностите за изградба на комплексот.
Во изјавата воедно наведуваат дека доколку дојде до какви било обиди за повторни опструкции од кои било поединци, институции или организации за стопирање на проектот, најостро ќе реагираат и, како што нагласија, подготвени се да ги преземат сите правни механизми и ќе поднесат тужби до институциите за претрпена штета.
Инвеститорот МГ ФЕШН претходно објави дека започнува изградбата на првата фаза на комплексот „Гранд“ во Скопје, предвиден за изградба на Градежната Парцела 1.1 во рамките на ДУП Ц08 за Ново Маало на територијата на Општина Центар, а во согласност со претходно добиеното Одобрение за Градење УП 1 Бр. 27-92 од 13 април 2021 година. Од компанијата информираа дека во оваа прва фаза започнува изградбата на станбено-деловниот објект кој содржи: три нивоа под земја, приземје плус дваесет ката и поткровје.
Во однос на обесштетувањето, МГ ФЕШН ДОО Скопје, потсетува дека „со целосната реализација на овој проект, жителите на Ново Маало конечно ќе ги почувствуваат бенефитите на современото урбано живеење во главниот град преку урбано регенерирање на овој значаен простор во срцето на Скопје“.
– Станува збор за обесштетување на повеќе од 300 жители кои сè уште опстојуваат таму како староседелци во центарот на Скопје и кои повеќе од седум децении живеат во супстандардни услови, без фекална и атмосферска канализација, во објекти изградени кон крајот на 19-ти или почетокот на 20-ти век, а притоа со децении имале забрана за каква било реконструкција, доградба или изградба на нивните домови, посочија од компанијата.