На денешната седница посветена на советнички прашања, атмосферата се вжешти на тема има или не политика во образовниот процес во општина Центар.
Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Лазаров го праша градоначалникот Андреј Жерновски зошто го ставил потписот на 14 решенија и 5 одлуки за именувања и разрешувања во ОУ 11 Октомври.
„Бевте или не свесен кога стававте потпис“, вака му се обрати Лазаров на Жерновски, на што реагираат дел од советниците и градоначалникот.
„Дали има политикантство во ова иако градоначалникот вети дека нема да ја меша политиката во образованието“, праша Лазаров.
Одговарајќи на прашањето, Жерновски истакна дека воопшто нема политикантство во образованието. Праша колку и кои директори се сменети во основните училишта на општина Центар по неговото стапување на градоначалничката функција?
Посочи дека сите именувани од времето на ВМРО – ДПМНЕ се на работа.
„Само како споредба – по 24 часа од смената на општинското раководство во Охрид сменети се 102ца вработени, меѓу нив и оние од образованието кои беа од опозицијата. За Скопје 2014та нема да се најдеме на заедничка страна, но во образованието нема страна“, појасни Жерновски и праша зошто Министерството за финансии и покрај потребите и петициите од родителите не дава средства и одобрение за 4 нови вработувања во образованието во Центар.
Од горенаведеното министерство, рече тој, не треба одлуките да ги носат според политичката припадност на градоначалникот или мнозинството на советници.