На денешната седница на Советот на Општина Охрид главна точка за расправа беше одлуката за затворениот градски пазар. По третиот јавен оглас кој го распиша Општина Охрид, тендерот го доби градежната компанија АД „Илинден“ од Струга и таа ќе биде приватниот партнер кој ќе го гради затворениот зелен пазар.
Опозицијата жестоко се спротивстави на како што рекоа, раскрчмувањето на земјиштето на Општина Охрид.
За жал, сето она за кое што долго време веќе неколку месеци наназад се боревме, односно нашиот став против раскрчмувањето на имотот на ЈП „Градски пазар“ и давањето на срцето на градот на одреден приватен партнер, за среќа една респектабилна фирма. Под вакви услови како што денеска се избраа ние како СДСМ и коалиционите партнери никогаш не сме биле против развој на Општина Охрид, а тука сметаме дека изградба и на еден затворен градски пазар е една добра општествена придобивка. Меѓутоа ние сме против начинот на кој оваа одлука која денеска за жал се финализира. Не се согласуваме општествениот имот да оди во рацете на било кој приватен партнер – рече координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.

И советниците на ВМРО – Народна партија денеска гласаа против начинот на кој беше донесена одлуката за затворен градски пазар. Советникот Јоне Станковски обвини дека ВМРО – ДПМНЕ ја манипулира јавноста и дека иако имаше ветено дека со општински средства ќе ги гради објектите од јавен интерес, сепак тоа не се случува.
Како советници на ВМРО – Народна партија се приклучуваме кон останатите опозициски партии и гласавме против донесувањето на оваа одлука односно околу начинот на кој што оваа Локална самоуправа ја спроведе постапката за затворен градски пазар. ВМРО – ДПМНЕ ја манипулира јавноста. Во предизборната кампања пред граѓаните и во програмата имаше ставено дека сите објекти кои што се од јавен интерес ќе ги гради со сопствени средства меѓу другото и со поддршка на Владата на Република Македонија. Во овој изминат период, покрај оваа точка која е на штета на Општина Охрид односно само 20 % од целокупниот имот ќе остане на градот има и ред други одлуки кои се донесуваат на ист начин односно се бара јавно– приватно партнерство – рече денеска советникот Станковски.

Станковски додаде дека власта на ДПМНЕ на уште еден оглас во меѓувреме распродава и отуѓува општинско земјиште. Тој обвини за огласот со кој се отуѓува атрактивно општинско земјиште во населбата Канео.
Во изминатиот период можевме да видиме и друг оглас кој се работи за државно земјиште односно за отуѓување на државно земјиште, а се однесува на локации за изградба на станбени објекти во стариот дел на градот – рече Станковски.
Тој се приклучи кон иницијативата на советникот Блажески, повикувајќи го министерот Јанакиевски да дојде и да објасни за урбанизацијата во Охрид.
Очекуваме Јанакиески да даде објаснување за тоа што се случува во Охрид меѓутоа очигледно од премногу „бомби“ нема време за Охрид. Јанакиески треба да даде објаснување за урбанизацијата во Охрид, исто така за она што се случи за имотот во Елешец и Градиште, имот кој е на граѓаните од селото Пештани – додаде Станковски.
Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески рече дека и покрај постапката, најважно било дека градот ќе добиел модерен објект.
Најважно од се е што Охрид добива еден убав и модерен објект којшто ќе биде белег на градот. Објектот ќе биде на четири нивоа. На приземјето е биде сместен затворениот зелен пазар, квадратурата на приземјето е 1.913 метри квадратни, од кои 1.230 метри ќе припаднат на јавното претпријатие „Градски Пазар“. На првиот кат ќе се изградат 2.433 метри квадратни и таа површина ќе припадне на приватниот партнер, а општина Охрид ќе добие деловен простор со површина од 200 метри квадратни на вториот кат – рече Димитар Спасески, секретар на Општина Охрид.
Во извесен период целата опозиција ја напушти седницата на Советот поради процедурални причини. Иако претседателката на Советот, Гордана Коњаноска призна дека направила грешка, таа не се поправи и не му го одзеде зборот на секретарот Спасески, кој наместо официјалниот претставник Тони Иваноски, објаснуваше за постапката за затворениот градски пазар.
Напуштањето на седницата беше од процедурални причини. Реагиравме на давањето збор секретарот на Општина Охрид кој воопшто не беше ни повикан. Во документите кои што ги добивме беше наведено дека претставник на општината ќе биде господинот Тони Иваноски. Ние баравме да му се одземе збор, што и претседателката на Советот, Гордана Коњаноска призна дека направила грешка, меѓутоа сепак зборот не му беше одземен и заради тоа бевме принудени да ја напуштиме седницата– обвини советникот од СДСМ, Јован Стојаноски.
