Советот на општина Центар, по петчасовна расправа за состојбата во ООУ 11-ти Октомври, во врска со труењето на децата, но и за целокупното работење на училиштето:
- Советот на општина Центар, врз основа на изнесените аргументи и оценки во расправата за санитарно – хигиенски услови во ООУ 11-ти Октомври, констатира дека во училиштето сериозно е нарушена санитарно – хигиенската состојба и загрозено е здравјето на учениците.
- Се задолжува училишниот одбор целосно да се ангажира за преземање мерки и активности за обезбедување на неопходните санитарно – хигиенски услови за безбедност и заштита на здравјето на учениците.
- Се задолжува градоначалникот на општина Центар да ја утврди личната одговорност на ООУ 11-ти Октомври, Даниела Костадинова, за нанесената штета по здравјето на учениците во училиштето и да донесе соодветно решение согласно член 133, став 2, алинеја 3 од Законот за основно образование.
За заклучокот не гласаа советниците од коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ, кои во расправата застанаа во одбрана на директорката, посочувајќи дека во училиштето нема проблем, дека истото добро функционира, а за состојбата во училиштето ги обвинија децата, родителите, топлото време, кучињата, општинската администрација и градоначалникот на општината. Во дебатата тврдеа дека труење немало, дека нема никаква опасност во училиштето и дека, како што тврдеше директорката, за проблемот со водоводната мрежа имаат се’ преземено.
Коалицијата предводена од СДСМ побара директорката да не си поигрува со интелегенцијата на советниците и на јавноста бидејќи, како што посочила директорката, сите се виновни, освен таа. За нив, таа е незаконски поставена, бидејќи од 9 члена на училишниот одбор, имало 10 гласа за нејзиниот избор.
На Костадинова и’ забележаа дека, наместо 70, колку што чини картата, родителите пре-платиле по 200 денари за екскурзија на Водно, дека при нејзиното именување од страна на министерот за образование, уште во првата недела избркала 13 вработени.
Советниците ја прашаа директорката зошто ги брка стручните кадри и на нивно место носи неискусни наставници. Зошто секретарот на училиштето го носи дома училишниот печат и со него ракува, иако за истото нема овластување. Како од училиштето исчезнала излезната книга за фактури? За Костадинова рекоа дека несовесно го раководи училиштето и нанесува штета.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, праша: зошто советниците од ВМРО – ДПМНЕ, наместо да се грижат за децата, застанале во одбрана на директорката.
“Јас сум изненаден и од директорката, која овде се однесува како да е се’ во ред. Сите се виновни, според неа, освен таа. Зошто никој од Вас не кажа како е направен изборот на оваа директорка? Како можеше од 9 члена да има 10 гласа? Каде е дозволено 1 член да гласа повеќе пати и за повеќе личности? Јас на таква одлука за избор на директор не ставам потпис. Зошто училишниот одбор до вечерва не најде за сходно да свика состанок, додека цела држава зборува за 11-ти Октомври? Ова е трагично за секој член од училишниот одбор. Директорке, за исчезната книга за излезни фактури се одговара. Денеска, на социјалните мрежи излегоа слики на кои се гледа директорката како активно извршува партиски функции на ВМРО – ДПМНЕ. Јас откако сум градоначалник, ниту еден директор не добил задача да учествува на партиски состанок и така ќе продолжам. Оваа слика мора да ја смениме, не веднаш, но да поченем од Центар“, рече Жерновски.
Тој посочи дека што побргу треба да се започне со промена на водоводната мрежа и за тоа ќе соработува со централната власт, бидејќи, рече тој, децата не ги интересира кој од која партија е. Тие сакаат да учат во чисто училиште, да бидат образовани од професионален кадар, без да се гледа на партиска книшка.
Советничката од ВМРО – ДПМНЕ, Елена Петковска, посочи дека таа има партиска книшка од ВМРО – ДПМНЕ 15 години и со тоа се гордее.
Жерновски возврати дека е зачуден зошто советничката од ВМРО – ДПМНЕ, Елена Петковска, е избрана да биде главен говорник на седницата, кога самата вели дека има партиска книшка, но во исто време е и наставник во училиштето 11-ти Октомври.