Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, за А1 он, најостро ја деманатира информацијата на ТВ Сител дека прва одлука која ќе ја донесе е дека општината ќе набави нови возила за него и за претседавачот Шиповиќ.
Денеска на прес конференција, новинарката на ТВ Сител постави прашање дали ќе се набавуваат нови возила за градоначалникот.
„Не, прв пат слушам од вас за вакво нешто“, јасно одговори Жерновски.
Сепак, ТВ Сител во своите вести објави: Градоначалникот на Центар реши прв проект на општината да биде тендер за набавка на нови возила. Извори за Сител од Центар велат, дека Жерновски не бил задоволен од возниот парк па решил час поскоро, својот прв потпис да го стави за набавка на нови службени возила.
„Не е прв пат оваа телевизија да ги извртува фактите или да објавува класични дезинформации. Тоа се случуваше и за време на кампањата, а продолжува и сега. Секогаш сум отворен за соработка со медиумите и работам транспарентно. Но, и медиумите треба да се придржуваат до професионалните стандарди и норми. Најенергично ја демантирам грубата дезинформација на ТВ Сител дека прв проект на општината ќе биде тендер за набавка на нови возила. Ниту сум размислувал, ниту за ова е разговарано. Јас и во програмата кажав и до тоа ќе се држам дека проектите за подобрување на живото на жителите на Центар ќе бидат мои и приоритети на раководството на општината“, вели Андреј Жерновски за А1он.