Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, ги повика граѓаните во што поголем број да се спротивстават на чекорите кои ги презема Груевски.
Еве што напиша Жерновски:
Режимот распиша свои избори, со што Груевски го одбра најпогубниот пат за завршување на својата политичка кариера. Тоа е патот по кој тргна и Милошевиќ, и Чаушеску и сите останати диктатори…
Тој, преку своите последни потези, им порача на сите дека Пржино не важи и дека ЕУ и САД се странски сили кои не и’ мислат добро на Македонија. Кризата во која Груевски ја бутна Македонија, ќе донесе незамисливи штети за нашата држава и нејзините граѓани.
А ние, граѓаните, сме веќе многу гневни. Гневот, кој секој ден го гледам и чувствувам на протестите, е се’ поголем, а Груевски упорно го провоцира тој гнев. Од денеска, директно ја провоцира и меѓународната заедница. Повторно ги повикувам нашите пријатели од меѓународната заедница да ги извадат дипломатските ракавици и директно да го посочат виновникот за оваа криза. Крајно време е да се превземат сериозни мерки за да се зачува мирот, а виновниците, конечно, да излезат пред лицето на правдата. Само така, и никако поинаку, ќе се врати довербата во правната држава и уставниот поредок.
Јас ќе протестирам, мирно и достоинствено, секој ден во 18:00 часот. Ве повикувам да се спротивставиме во што поголем број.