Отворено писмо на Жерновски до Јанкулоска

Од:

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски напиша писмо до министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Писмото во го пренесуваме во целост.

Почитувана г-ѓо Министер,

Вашиот министерски мандат сигурно ќе остане запаметен по речиси секојдневните соопштенија, конференции за медиумите и особено по Вашите јавни изјави за ефикасното и ефективно работење и Ваше управување со Министерството за внатрешни работи, особено во справувањето со криминалот, тероризмот, вандализмот, разбојништвото и другите девијантни форми и насилничкото однесување во земјата. При тоа, посебно истакнувате дека сторителите веднаш се идентификувани, приведени и соодветно казнети низ постапки за утврдување на нивна одговорност. Милувате да се пофалите дека веднаш по девијантните настани, се идентификувани и казнети припадници на навивачки групи, демонстранти што извршиле вандалски напади на државни институции, на Владата на Република Македонија, на семејни насилници и учесници во улични толпи и немири.

Сепак, еден настан се уште останува „незабележан“ од Ваша страна и од страна на Министерството со кое раководите, иако на тој настан, со насилство и вандализам, на два пати беше нападнат, оштетен и уништен имот во сопственост на Република Македонија и повреден еден општински советник.

Еве, и после повеќе од една година, да Ве потсетам дека на 07-ми и на 10-ти јуни 2013 година, во моментот кога Советот на Општина Центар одржуваше редовни седници, од наводно спонтано собрани граѓани кои, на почетокот со погрдни и непристојни навреди и закани упатени кон мене како Градоначалник и кон советниците, сакаа да го попречат нормалното одвивање на седниците, беше вандалски нападната Општина Центар, односно салата каде се одржуваа седниците и тоа со фрлање разни предмети, со каменување, со кршење на прозорци и врати, со нагрдување на Општинската зграда и уривање на заштитната ограда, без при тоа да се води сметка дека во моментот во истите простории имаше градоначалник, советници (функционери избрани на непосредни избори), претставници на медиумите, вработени во Општина Центар и граѓани, како странки дојдени да остварат право во Општината. Ве потсетувам и на тоа дека, во вториот наврат од овој вандалски настан, беше повреден и член на Советот на Општина Центар кому му беше укажана и лекарска помош, а ваквото вандалско дивеење не можеа да го спречат ни присутните полициски сили.

Овој настан, почитувана г-ѓо Министер, е регистриран преку фото-документацијата за состојбата во салата, но и преку камерите и фото-апаратите од страна на сите национални и странски медиуми, присутни во земјата. Иако во медиумите јавно се претстави организатор на протестите, како здружение „ВЕРИТАС“, кое го немаше во евиденцијата во Централниот Регистар во тој период, иако според Командирот на Полициската станица – Центар – Скопје, протестот е сепак пријавен и тоа со допис без потпис и печат, спротивно на пропишаната процедура во Министерството со кое раководите, иако на самиот настан беа присутни припадници на полицијата, иако на 12-ти јуни лично поднесов Барање за поведување прекршочна постапка против непознат сторител, уредно заведена во Секторот за внатрешни работи – Скопје, Вие и вработените во Министерството со кое раководите, сî уште и од само Вам познати причини, не можете да го утврдите овој настан како реален. Го именувате со „таканаречен настан“, а во документацијата на Министерството, вклучително и во редовните извештаи што Полициската станица Центар – Скопје ги поднесува до Советот на Општината, не постои ниту еден документ, белешка или било каква индикација дека ваков настан навистина се случил.

Работите отишле дотаму, што на последната седница на Советот на Општина Центар, пред два дена, при разгледување на шестмесечниот извештај на Полициската станица Центар – Скопје, в.д. Командирот не упати да доставиме барање до Министерството за да можат да поведат постапка за идентификување на настанот?!

Во среде Скопје, г-ѓо Министер, на пладне, среде бел ден, во центарот на главниот град на Република Македонија, се уништи и се оштети имот на Општина Центар, односно имот на Република Македонија, се каменуваше институција на локалната самоуправа, беше повреден советник на Советот на Општината, едвај беше спречен линч на градоначалникот, советниците, претставниците на медиумите, вработените и странките присутни во Општината во тој момент, но, единствено за Вас и за вработените во Министерството со кое раководите, овој настан „не постои“, „ не се случил“! Останува уште да ни кажете дека сами сме си го смислиле, а можеби и ќе не обвините и дека сами сме си го направиле. Како тргнале работите, сî е очекувано!

Не заради мене, г-ѓо Министер, барем поради елементарна почит кон јавноста, пред сî кон жителите на оваа Општина, должни сте да кажете зошто Вие и Министерството со кое раководите упорно одбивате да признаете дека овој настан навистина се случил, дека зад него стојат лица што тоа го смислиле, го организирале и го извршиле и за тоа треба да одговараат и да бидат соодветно казнети. И, конечно, г-ѓо Министер, зошто оставате простор, токму во Општина Центар, ваков девијантен настан да заземе мистериозни и опскурни димензии?! Зошто токму Општина Центар постојано е „невидлива“ за Вас кога се соочува со проблеми и пречки поврзани со надлежностите на Министерството со кое Вие раководите!?

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории