Жерновски: На Водно нема да има 10-катница ако Шиповиќ повторно гласа против

Од:

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски ја поздрави вчерашната изјава на министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани, кој јасно кажа дека двата спорни ДУП-а, Тасино Чешмиче 1 и Капиштец-Водно се донесени спротивно на Законот за локална самоуправа.

Министерот Шабани најави соодветни мерки преку надлежниот инспекторат во ова министерство.

“Ова значи дека има надеж и дека во Владата некој сака да ги почитува законите. Денеска ги добив потпишаните одлуки од претседателот на Советот. Сметам дека тие ДУП-ови се донесени спротивно на Законот за локална самоуправа и Законот за просторно и урбанистичко планирање и ќе го искористам своето законско право како градоначалник да го запрам објавувањето на ДУП-овите. Ќе ставам вето на ДУП-овите и во рок од законските 7 дена ќе ги објавам и причините за таквата одлука“, изјави Жерновски. Во Законот за локална самоуправа стои дека по ова, треба да биде закажана нова седница на Советот на општина Центар во рок од 15 дена. “Претседателот на Советот треба само да биде против и ДУП-овите нема да бидат донесени, може да гласа и воздржано и повторно ДУП-овите нема да бидат донесени. Ние, заедно со нашите 11 советници ќе гласаме “против“. Единствено, ако претседателот на Советот гласа “за“ овие планови, што значи дека за 180 степени го сменил ставот од пред 10 – 15 дена, само во тој случај ДУП-овите ќе бидат донесени“, појасни Жерновски.

Иако советниците се официјално на одмор, сепак Советот ќе мора да заседава.

“Нема одмор за вакви криминогени ДУП-ови. Повторувам, само доколку претседателот на Советот си го почитува ставот што го имаше на последната седница, нема да има десеткатница на Водно“, рече Жерновски.

Во четврток најави дека ќе ја донесе одлуката и ќе ја соопшти на јавноста и од тогаш тече рокот од 15 дена за закажување на седница на Советот на општина Центар. Одговарајќи на новинарско прашање, Жерновски рече дека комуникацијата со Шиповиќ сега му е многу послаба, од пред ставањето на спорните ДУП-ови на дневен ред.

Би можело да ве интересира

Запалени возила низ Скопје, ноќеска гореше и во Кисела Вода и кај Зелен пазар

Катерина Ѓуровски

Деца во градинка во Центар пронашле наркомански шприц во дворот, ја кршеле иглата и се гребеле

Предраг Петровиќ

ВМРО-ДПМНЕ: Општина Центар пропаѓа, Герасимовски и Филипче позираат пред евтини шминка мурали на запуштени згради

Во Центар изгореа четири возила

Герасимовски: Во центар сигурно победуваме

Починат маж е пронајден во стан во Скопје, истрагата е во тек