Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, испрати барање за спроведување референдум на локално ниво до Државната изборна комисија и до Општинската изборна комисија – Центар.
Советот на општина Центар, на седницата одржана на 30-ти март, донесе одлука за распишување референдум на локално ниво на подрачјето на општината, со цел изјаснување на граѓаните за изгледот на фасадата на ГТЦ.
„Согласно членовите 42 и 43 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните, одлуката се доставува до ДИК и до ОИК-Центар, со барање да се подготви и спроведе референдумот во согласност со законската регулатива. Градоначалникот на општина Центар, веднаш по изгласувањето на одлуката во Советот, ја започна и процедурата за спроведување на референдумот. За утре и задутре се закажани средби со претседателот на ДИК, Никола Рилкоски и со директорот на граѓанската асоцијација МОСТ, Дарко Алексов“, соопштуваат од Општина Центар.
Општина Центар на изборните органи ќе им обезбеди технички, просторни и сите други услови за работа.
На 26-ти април во општина Центар ќе се спроведе референдум, на кој граѓаните ќе одговорат на следното прашање: „Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на фасадата на Градскиот Трговски Центар – Скопје?“. Граѓанинот се изјаснува со заокружување на зборот „ЗА“ или „ПРОТИВ“.
Одлуката на референдумот се смета за донесена, ако за неа се изјасниле позитивно мнозинството од вкупниот број на граѓани кои излегле на гласање, доколку гласале повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во изводот од избирачкиот список во општина Центар.
Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.
Доколку на референдумот се донесе одлука да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ, Советот на општина Центар е должен, во рок од 60, дена од објавување на резултатите на референдумот да донесе одлука за утврдување на изгледот на фасадата на ГТЦ.