Градоначалникот на Општина Центар, општинската администрација и претставници на урбаните заедници заедн о со директорот на ПОЦ денеска беа домаќини на Коце Трајановски со екипата соработници од градот, претставници на градските месни заедници и директорите на јавните градски претпријатија.
Ова, оцени Жерновски, ја покажува подготвеноста за соработка и ова е добар чекор бидејќи ние сме избрани од граѓаните за да соработуваме и работиме во нивни интерес.
“Јас сум оптимист и имам надеж дека Општина Центар од Град Скопје нема да биде поинаку третирана од другите скопски општини. Имаме низа притисоци и она што ни е неопходно е да не’ остават да можеме нормално да работиме. Вчера имавме две нови инспекции во општината“, изјави Жерновски.
Посочи дека Општина Центар и Градот Скопје се упатени едни на други на соработка. Има сегменти рече, кои што Градот Скопје не може без согласност на Општина Центар да ги реализира. Жерновски изјави дека не може да каже дека досега имал притисоци од Градот Скопје.
Во врска со предавањето на Градот Скопје на обврската на чување и одржување на спомениците од проектот Скопје 2014 Жерновски беше дециден дека не се работи за некаков премолчан договор на повисоко политичко ниво.
“Оваа одлука доаѓа по моето писмо упатено до Владата на РМ и до Градот Скопје во кое укажав на лошата буџетска кондиција која ја затекнав во Општината Центар. За одржување и чување на спомениците и фонтаните се трошат по 400.000 евра годишно и со оваа одлука за 4 години ќе се заштедат 1.6 милиони евра кои ќе бидат пренаменети за новото училиште во Капиштец. Не е фер само Општина Центар да го плаќа одржувањето и чувањето на спомениците од проектот Скопје 2014“.
Во врска со новинарската забелешка дека Жерновски и Трајановски дале поединечни изјави, градоначалникот на Центар изјави дека тоа дошло како сугестија на градоначалникот на Град Скопје и тој го прифатил.