Железничкиот сообраќај во Македонија и денеска е во прекин поради протестот на вработените кои бараат исплата на јануарската плата.
Од Железничката станица во Скопје информираат дека не сообраќаат ниту патничките, ниту товарните возови.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски вчера изјави дека ресорното Министерство во буџетот има 10 милиони евра на располагање за Македонски железници, но оти нема законска можност тие да се исплатат се додека претпријатието не работи.
– За да ги добијат парите, МЖ Транспорт и МЖ Инфраструктура треба да работат. Се што ќе сработат во текот на месецот треба да го фактурираат до Министерството за транспорт и врски, а Министерството веднаш да ги исплати сите средства, бидејќи тоа се оперативни трошоци што ги покрива Владата. Се она што ќе биде профит и приход на претпријатието останува таму, но за да ги фактурира сите оперативни трошоци и загуби мора да работи, истакна Мисајловски. На владина седница беше донесена и одлука за доделување на дополнителни 70 милиони денари за Македонски железници.
Вработените, пак, остануваат на барањето за целосна исплата на јануарската плата, а, како што велат, од утре 2.500 семејства ќе останат без здравствено осигурување.
– Ја имаме изработено јануарската плата и сакаме она што сме го изработиле да ни се плати. Ако ситуацијата не се реши, од утре 2.500 семејства ќе останат и без здравствено осигурување, изјави Ѓоко Илиевски од Иницијативниот одбор на протестот.