Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ следниот јуни ќе биде можно само доколку договорот со Грција е целосно имплементиран, вели Самуел Жбогар, амбасадорот на ЕУ во Скопје во интервју за регионалниот веб-портал „Јуропијан Вестерн Балканс“.
– Референдумот е важен ден за земјата бидејќи граѓаните на него нема да одлучуваат само за договорот со Грција, туку и за тоа каква иднина сакаат. Самото прашање е поврзано со членството во ЕУ и НАТО, но и да не беше така, многу е јасно дека успехот на референдумот и консеквенците што ќе следат – промената на Уставот, се предуслов за земјата да оди напред во однос на нејзините евроинтеграции, псочува Жбогар запрашан за неговите очекувања од референдумот.
Тој потсетува дека членките на ЕУ одлучија во јуни да ги отворат преговорите за една година, и веќе е започнат скрининг процесот за се да биде подготвено за следниот јуни кога министрите треба да донесат нова одлука. Предуслов за тоа, вели, е да се имплементира договорот.
– Разбирам дека е тоа тешка одлука, во прашање е името на земјата. Ја разбирам емоционалноста на луѓето кои се борат со ова, но исто така сум убеден дека разумот ќе надвладее над емоциите… Луѓето мора да знаат дека ние ќе ја почитуваме нивната одлука, бидејќи тие мора да живеат со консеквенците од одлуката, но сите се надеваме, а и нашите лидери беа многу јасни дека резултатите ќе ни овозможат да продолжиме со работата на отворање на пристапните преговори следната година, вели Жбогар.
На прашањето што ќе се случи доколку референдумот не успее и дали тоа ќе има реперкусии врз евроинтеграциите на Македонија, Жбогар вели дека е многу важно луѓето да не бидат погрешно наведени да мислат дека со гласањето „против“ договорот или со бојкот нема да има последица врз евроинтеграциите.
– Ова е многу јасно поврзано и затоа мислам дека е добро за луѓето кои ќе гласаат да го знаат тоа. Не сакам да зборувам за негативни сценарија. Референдумот е консултативен, важно е Парламентот да го промени Уставот со мнозинство од две третини од пратениците што е комплициран процес. Затоа не би сакал да зборувам што ќе се случи доколку референдумот не успее. Но, многу е јасно дека ќе можеме да зборуваме за отворање на преговорите следниот јуни само доколку договорот е целосно имплементиран пред крајот од годинава или пред неговата ратификација во грчкиот Парламент, наведува Жбогар во интервјуто дадено за време на Бледскиот стратешки форум што се одржа на 10 и 11 септември во Словенија.