Фондот за здравствено осигурување на Македонија на 2 ноември го додели 1200-тиот ваучер за Ин витро постапка за прво дете за оваа година.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски, кој рече дека динамиката на остварување на програмата за Ин витро, која претставува врвен приоритет за Фондот, ги надминала нивните очекувања, како според бројот на брачни двојки опфатени со оваа постапка, така и според брзината и ефикасноста на нејзината реализација.
Посочи дека до 1 ноември годинава бројот на одобрени барања за Ин витро е 1.200 за прво дете, што претставува надминување на вкупниот број одобрени барања за Ин витро постапка за прво дете за 2015 година и додаде дека нивните проекции се дека до крајот на годинава ќе има зголемување од приближно 20 отсто на доделени ваучери за Ин витро во однос на 2015 година.
Трендот на зголемување на бројот на ваучери, потенцира, се должи на повеќе новини кои Фондот и државата во континуитет ги овозможуваат за осигурениците, како што е новината од 1 јануари 2014 година за овозможување Ин витро на товар на Фондот за второ дете.
– Следната новина беше овозможување и право на Ин витро за трето и четврто дете од 28.12.2015 година. Големо олеснување за осигуреничките беа и законските измени од крајот на 2015 година со кои осигуреничките се ослободија од плаќање на партиципацијата која дотогаш изнесуваше 6.000 денари за користење здравствени услуги во постапките на Ин витро за добивање прво, второ, трето и четврто дете и од тогаш таа е на товар на Фондот, рече Стефаноски.
Истакна дека зголемувањето на бројот на одобрени ваучери е евидентен и за второ дете, а на 1 ноември 2016 година го одобриле 146-тиот ваучер за второ дете, колку што изнесува вкупниот број на одобрени ваучери за Ин витро за второ дете за 2015 година. Според него, и до крајот на оваа година ќе има зголемување за 20 проценти на доделени ваучери за Ин витро постапка за второ дете во однос на 2015 година.
– И за трето дете бележиме зголемен интерес од воведување на оваа новина. Досега Фондот одобрил пет ваучери за Ин витро постапка за трето дете, а три се уште се во процедура. Со сите наши расположливи капацитети, ја реализираме нашата цел да им излеземе пресрет на сите барања на осигурениците кои сакаат да имаат деца, а имаат потешкотии да го остварат тоа. Досега Фондот, откако е воведен овој проект од 2008 година, доделил 9.640 ваучери за Ин витро. Визијата на Фондот се задоволни осигуреници и се што правиме е во таа насока да ја подобриме нивната позиција во здравствениот систем, рече Стефаноски.
Постапката за Ин витро како право, појасни, прв пат е овозможена на товар на Фонд во 2008 година, по пат на рефундација на средства, а од 2010 година, осигуреничките го оставаруваат ова право преку добивање ваучери за оваа постапка и оваа постапка може да ја извршат оние здравствени установи со кои Фондот има склучено договор. Нагласи дека средствата кои Фондот ги исплатил за остварување на правото на Ин витро од 2010 до 2015 година се 387.465.000 денари.
– Бројките за овој проект на Владата се во нагорна линија и секоја година бележи тренд на зголемување, така што од 2013 година, кога се одобрени 1.075 барања за Ин витро, сега можеме да констатираме дека во 2016 година таа бројка ќе биде зголемена за најмалку 400 ваучери, рече Стефаноски и укажа и на уште еден важен параметар за Ин витро постапката, а тоа е успешноста на Ин витро фертилизација, или Биомедицинско потпомогнато оплодување.
Во Република Македонија, посочи, процентот на докажана бременост по Ин витро постапка, во 2011 година изнесува 38,7 проценти, во 2012 година 41,3 проценти, во 2013 година изнесува 50,5 проценти, во 2014 година изнесува 54,5 проценти, а во 2015 година изнесува 50,5 проценти. Нагласи дека од овој тренд произлегува дека здравствените установи со кои имаат склучено договор за Ин витро се високо специјализирани и со висок процент на успех.
– Воедно за високиот процент на Ин витро постапката влијае и тоа што осигурениците побрзо се одлучуваат за оваа интервенција, затоа што надоместокот кој го покрива Фондот за ин витро е стилмулативен, за разлика од други здравствени системи каде оваа интервенција не е на товар на државата. Фондот заедно со медиумите работи на поголема информираност и транспарентност на своите осигуренички со цел полесно да си го остварат своето право од здравственото осигурување, додаде Стефаноски.
Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека гледајќи ги светските искуства, како и искуствата од Македонија, сакаат да им укажат на паровите дека постапката не треба да ја одложуваат и би било добро да ја почнат што порано бидејќи со возраста, шансата за успешно Ин витро прогресивно опаѓа.
– Сакаме да ги поттикнеме паровите кои се заинтересирани да аплицираат за Ин витро за второ дете што побрзо да го направат тоа, земјаќи предвид дека возраста игра улога, а Фондот и службите се секогаш достапни за било какви дилеми. Постојат парови кои не доставиле комплетирана медицинска документација, за утврдување на стерилитетот и Фондот за истото ги информирал да ги достават потребните документи за да може вo најбрз можен рок, да се одлучува по нив, истакна Рамадани.
Потенцира дека бројот на предмети со некомплетна медицинска документација бележи драстичен пад во 2015 година, што пред се, се должи на зголемената информираност на осигурениците, поголемата едукација на матичните гинеколози, како и електронското поднесување на барањата за Ин витро.
Голем удел за намалување на дополнителните медицински испитувања, појасни, има и воведувањето на електронските барања од страна на матичниот гинеколог, кои се 50 проценти од ново поднесените барања по воведување на оваа можност во април 2015 година.
– Со електронското поднесување се има јасен увид на потребните документи кои треба да се поднесат и затоа овој број на некомплетни медицински документи е намален. Здравствените установи кои вршат БПО услуги, а кои имаат склучено договор со Фондот во 2016 година се: „Плодност“ од Битола, „Др. Оргаџински“ од Штип, „Ре-медика“ од Скопје, „Ултрамедика“ од Скопје, „Моја болница“ од Скопје, „Аџибадем Систина“ од Скопје, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, „Гинеко медика“ од Скопје, како и Њуборн клиник од Скопје, рече Рамадани.
Сите потребни обрасци, упатството за начинот на остварување на правото на БПО на товар на ФЗОМ и сите други информации се објавени на веб страницата на ФЗОМ www.fzo.org.mk