Зголемен бројот на пешаци жртви на несреќи

Од:

Во Македонија бројот на пешаци жртви на несреќи од почетокот на годинава во однос на лани е зголемен за 50 проценти. Неопходно е зголемување на свеста кај пешаците за да ги користат пешачките премини и да ја искоренат навиката за поминување каде било па дури и на најфреквентните улици. Возачите, пак, исто така треба да внимаваат затоа што пешаците се најранлива категорија учесници во сообраќајот.

Такви апели упатија претставници на повеќе институции што координирано денеска почнаа активности за подигање на свеста кај пешаците и кај возачите за поголема безбедност во сообраќајот. Активностите се дел од Глобалната недела за безбедност на патиштата на ОН што годинава е посветена на безбедноста на пешаците.

– Се надеваме дека бројот од пет милиони жртви и 50 милиони повредени во целиот свет со вакви активности ќе се намали и оти ќе ги поттикнеме сите учесници во сообраќајот особено пешаците да внимаваат на сопствената безбедност и оваа катастрофална бројка да ја намалиме, изјави Димитар Миновски, генерален секретар на АСМСМ.

Според Миновски, статистиките на надлежните институции покажуваат дека половина од жртвите во несреќите што се случуваат се пешаци, поради што се потребни координирани активности за подигање на нивната свест.

– Бројот на новоположени лица за возачки испити расте и активностите секако треба на некој начин да се насочат кон помладите категории, а тоа мора да биде во координација со повеќе јавни органи за да може да се подгне јавната светс кај пешаците. Сообраќајната култура се гради подолг период, а искуството на возење како возач не мора да значи дека тој мора да биде ризичен учесник во сообраќајот бидејќи сообраќајната свест се гради со години, рече Миновски, истакнувајќи оти е особено значаен и личниот пример на постарите возачи.

Директорот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот РСБС Никола Ангеловски апелира сите учесници во сообраќајот, особено пешаците, да внимаваат каде поминуваат и да ги користат пешачките премини.

– Бројот на жртви годинава во однос на лани, за жал, е зголемен за повеќе од 50 проценти. И пешаците треба да внимаваат, но и несовесните возачи. На повеќе места се користат премините, но не во цел град. Кај Градската болница и на некои други пофреквентни места навистина има проблем бидејќи пешаците не ги користат пешачките премини, а возачите се доведуваат во ситуација да го успоруваат сообраќајот и можни се и одредени сообраќајни незгоди, изјави Ангеловски.

РСБС, информира, ја поддржува иницијативата на Град Скопје за поставување нови пешачки острови кои ја ублажуваат брзината на движење на возилата и даваат поголема безбедност на пешаците. Советот, најави, неделава ќе додели пешачки семафори на Град Скопје кои ќе бидат поставени на најфрекфентните места зависно од проценката.

Утре како дел од предвидените активности во рамки на Глобалната недела, според најавите од АМСМ, ќе се делат флаери со поуки до пешаците на пешачкиот премин кај „Југодрво“, локација на која се регистрирани и најголеми повреди.

Активностите за одбележување на Глобалната недела ги организира АМСМ, во соработка со Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, Светската здравствена организација, Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство, Општина Аеродром, амбасадите на Холандија и на Словачка.

Целта на глобалната недела е да даде активна примена на потребните мерки и да придонесе за постигнување на целта на Декадата за акција за безбедност во сообраќајот на патиштата 2011-2020 за спасување пет милиони животи.

Би можело да ве интересира

Посебен режим на сообраќај во Скопје во сабота поради чествувањето на смртта на Гоце Делчев

А1он

Паднато дрво го попречува сообраќајот на патот Делчево – Пехчево

Пропаѓале врски, бракови, бизниси – Италија ги укинува фотографиите од камерите за брзина во сообраќајот

А1он

Пет денови посебен режим на сообраќај во главниот град

А1он

Казнети 285 возачи во Скопје, 107 за брзо возење

Поради генерална проба за Министерскиот совет на ОБСЕ, утре посебен сообраќаен режим во Скопје

Предраг Петровиќ