По последната седница на Локалниот совет за превенција од Крива Паланка, од Одделот за превенција на Полициската станица од општа надлежност Крива Паланка информираа дека според извештајот за првите шест месеци од 2014 година, бројот на малолетници извршители на кривични дела или помагачи на истите е зголемен во однос на минатата година.
Според податоците од ПС во Крива Паланка, во првите шест месеци од годинава на подрачјето на Крива Паланка и Ранковце извршени се вкупно 82 кривични дела, во 23 учествувале малолетници, додека во 14 од нив се јавуваат како директни извршители. Со оглед на тоа што лани од вкупно сторени 151 кривично дело, во 33 случаи инволвирани биле малолетници или застапени биле со речиси 40 отсто како извршители или соучесници, но според полугодишниот извештај за 2014, бројките покажуваат дека бројот на малолетничко престапништво расте.
– За намалување на бројот на малолетници престапници треба да се отпочне пред се од улогата на семејството, со поголема грижа и внимание од страна на родителите за тоа каде одат и што прават нивните деца, понатаму улогата на училиштето, влијанието на улицата и социјалниот елемент и посетувањето на угостителски објекти, како и друштвото на децата за појава на едно вакво девијантно однесување на младите, што придонесува за честа злоупотреба на алкохол и дрога од страна на малолетниците, изјави раководителот на Отсекот за превенција при СВР Куманово, Виолета Богдановска.
Богдановска нагласи дека за таа цел заедно со мисијата на ОБСЕ во Република Македонија изработен е проект „Детско престапништво – сите заедно за безбедно детство“ од страна на МВР, кој во понатамошниот период и следната учебна година ќе се имплементира во училиштата.
– Проектот предвидува едукативни трибини за ученици од 6-то до 9-то одделение, едукација за семејствата, родителите, за препознавање, спречување и помош при појава на малолетничка деликвенција. Преку овој проект ќе бидат опфатени сите институции на локално ниво, ќе се работи низ традиционални игри за социјализација, комуникација и пријателство кај децата, наспроти се поголемата нивна изолација со компјутерите, рече Богдановска.
Според неа, најважно е децата т.е. младите да умеат да препознаат кои се ризик факторите кои можат да доведат до деликвентно однесување, кои се последиците од таквото однесување, и секако да умее да побара помош и заштита во такви ситуации, а тоа пак ќе придонесе за намалување на бројот на малолетници инволвирани во престапништво.