Зголемен бројот на кривични дела за семејно насилство

Од:

За 16,1 отсто е зголемен бројот на кривични дела за семејно насилство во првото полугодие од годината,  во однос на истиот период лани. Пораст за 3,4 проценти бележат и поплаките за семејно насилство.

Прекршоците извршени меѓу членови на семејство се намалени за 46,2 отсто, како резултат на соодветното третирање на семејното насилство од страна на полицијата, односно кривичното санкционирање.

Ова се дел од заклучоците на Министерството за внатрешни работи од преземените активности во врска со семејното насилство.

– Во првото полугодие, на подрачјето на Република Македонија регистрирани се 389 кривични дела сторени при семејно насилство, што претставува зголемување од 16,1 отсто во однос на истиот период минатата година кога беа регистрирани 335 кривични дела. За разлика од кривичните дела, прекршоците ова полугодие бележат големо намалување од 46,2 проценти, односно  регистрирани се 152 (283) прекршоци, извршени помеѓу членови на потесното семејство, соопшти МВР.

Според МВР, стапката на семејното насилство е највисока на подрачјето на СВР Битола и СВР Штип, а најниска на подрачје на СВР Тетово и СВР Скопје. Намалување на сите три параметри – кривични дела, прекршоци и поплаки регистрирано е на подрачјето на СВР Охрид и СВР Куманово.

Зголемувањето, според полицијата, е резултат на порастот на кривичните дела, кое е најевидентно во СВР Тетово за 93 отсто,  во СВР Штип за 50 и СВР Скопје за 24,4 проценти, додека на останатите сектори не се регистрирани поголеми разлики. Зголемувањето на кривични дела се должи на порастот на делата „телесна повреда“ за 25,6 отсто.

– Забележителното намалување на прекршоците извршени меѓу членови на семејството, се должи на се поадекватното третирање на семејното насилство, односно полициските службеници построго го санкционираат семејното насилство. Од прекршоците, повеќе од половина се регистрирани на подрачје на СВР Скопје, на останатите подрачја се регистрирани од два до 28 прекршоци, додека во СВР Битола не е регистриран ниту еден прекршок. Пораст на кривичните дела и прекршоците е забележан на подрачје на СВР Штип, а поплаките се на исто ниво  како и лани,  додека на подрачје на СВР Куманово и СВР Охрид се намалени трите параметри по кој се постапува при семејно насилство, соопшти МВР.

Во анализираниот период, според соопштението, извршени се 389 кривични дела од кои најголем број или 67 отсто се телесни повреди и 30 отсто се загрозување на сигурноста. Останатите кривични дела се: по две убиства и противправни лишувања од слобода и по четири тешки телесни повреди и присилби. Како сторители на кривични дела, во 93 проценти од случаите се јавуваат лица од машки пол.

Најголемиот дел од кривичните дела или 80 отсто се извршени со употреба на физичка сила или закана. Сторителите при извршување на кривичните дела во 95 случаи биле под дејство на алкохол, при извршување на три кривични дела сторителите користеле наркотична дрога, додека 167 дела ги сториле во состојба на психичко растројство. Најголема стапка на семејно насилство според бројот на жителите, е забележана на подрачје на СВР Битола, најмала е стапката на подрачје на СВР Скопје и СВР Тетово:

Во однос на прекршоците најголемиот дел се сторени на подрачјето на СВР Скопје или 56,5 отсто, додека на подрачјето на останатите сектори, учеството е од два проценти на подрачје на СВР Охрид до 19 отсто на подрачје на СВР Штип. Во СВР Битола не е регистриран ниту еден прекршок.

Намалувањето на прекршоците сторени меѓу членови на семејство, според МВР, се должи на прекршокот „малтретирање на друг во стан“, кој е драстично намален за 41,5 отсто, но намалени се и останатите прекршоци.

Во 94 отсто од случаите прекршоците ги извршиле лица од машки пол и тоа најчесто сопрузи и синови, а во 26 случаи сторителите биле под дејство на алкохол, во 19 при психичко растројство и во еден случај при уживање на дрога, при што сторителите најчесто физички или вербално ги напаѓале своите најблиски.

Бројот на поднесените поплаки е назначително зголемен за 3,4 отсто, а најголем број се регистрирани на подрачје на СВР Скопје. Најголем број од поплаките е поради психичко малтретирање на жртвата – 1.641, потоа 388 се заради физичко малтретирање и 91 поплака е поднесена поради тоа што сторителот ја малтретирал жртвата од економски побуди.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Агитирање и летоци – нема посериозни инциденти за изборите

Анита Петровска Рајковиќ

Поткуп со бонови за бензин, агитирање, закани по телефон за време на предизборниот молк

Катерина Ѓуровски

Одбележан Денот на македонската полиција

Киднапиран, избоден и претепан скопјанец – еден од напаѓачите полицаец

Пронајдено детето што беше пријавено за исчезнато во Сарај

А1он

Меџити не кажа дали е можен министер за внатрешни работи: Ќе разговараме во наредните денови

А1он