Земјите-членки на НАТО ги поздравија реформите во сите области во Македонија

Од:

Претставниците на земјите-членки на НАТО високо ја оценија Годишната национална програма на Република Македонија за членство во Алијансата, која како што истакнаа го рефлектира напредокот и искуството на земјата во овој процес.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, замениците-шефови на мисиите го поздравија и несмаленото темпо во реформските процеси, подвлекувајќи дека очекуваат Македонија час поскоро да го заземе заслуженото место во НАТО по надминувањето на последната препрека на земјата, а тоа е решавање на разликите за името со Грција.

Ова е заклучокот од денешниот редовен состанок на Република Македонија со Комитетот за политика и партнерство на Алијансата кој се одржа во седиштето на НАТО во Брисел, а на кој пред претставниците на земјите-членки на НАТО беше презентирана Годишната национална програма на земјата за членство во Алијансата за 2012-2013 година. Сето ова беше во рамки на 14. циклус на Акцискиот план за членство.

Македонската делегација беше предводена од државните секретари во министерствата за надворешни работи и за одбрана Владо Мисајловски и Петар Есмеров. Тие пред претставниците на земјите-членки на Алијансата говореа за тековните и идни активности поврзани со имплементацијата на стратешките реформски процеси во земјата на политичко-економски и воено-безбедносен план.

Мисајловски посебно го акцентираше напредокот во имплементацијата на реформите во администрацијата, правосудството и полицијата, борбата против корупцијата и организиранио криминал, дијалогот со медиумите, како и останатите сегменти нотирани во Извештајот за напредокот на Република Македонија за членство во НАТО.

– Освен реформите во делот на одбраната, ние ги презентиравме и сите приоритети и реформи на Владата на Република Македонија изминатиот период во делот на судството, слободата на медиумите и правото на говор. Говоревме за справувањето со митото и корупцијата итн. Сите претставнции на земјите-членки го пофалија тоа што ние го презентиравме, оти Националната програма е сеопфатна оваа година и содржи многу елементи од голем број институции како што е Министерството за информатика и администрација и реформите во рамки на администрацијата, изјави државниот секретар на МНР.

Според него, имало пофалби од сите змеји-членки дека успешно се спроведува целата програма и за лани и за годинава, при што било предочено дека се благодарни што Македонија продолжува со мисиите во Авганистан и во другите мирвни мисии на Алијансата, што е значајно за нив поради тоа што земјата се уште не е полноправна членка, а е најголем контрибутор во овие мисии.

– Беше презентирано дека единствена пречка останува проблемот со името со Грција, односно во овој период да гледаме поинтензивно да го решиме. Од наша страна беше презентирано дека ние сме отворени за дијалог, за соработка, како што најави премиерот Никола Груевски. Ние испративме и писмо за посети со отворен датум кога претставниците на официјалните грчки власти би сакале да се сретнеме и да разговараме за ова прашање за истото да се надмине и да станеме дел од НАТО-семејството, додаде Мисајловски.

Државниот секретар во МО, Есмеров, пак, говореше за напредокот во одбранбените реформи, придонесот на Република Македонија во НАТО операциите во 2012 година и планираните активности за 2013 година.

– Република Македонија го заврши 13. циклус и ова значи отпочнување на новиот 14. за Годишната национална програма за членство. Во разговорите со претставниците на земјите-членки се покажа интерес за тековните реформи кои се спроведуваат во МО и во Армиајта на Република Македонија, со фокус на нашето учество во меѓународните хуманитарни и мировни мисии. Имаме голема пдодршка во НАТО-членките и признание од нивна страна во врска со нашето учество во овие мисии, истакна Есмеров.

Тој додаде дека се говорело и за имплементација на новата структура на силите, која почна годинава и треба да заврши во 2015 година, што се реформи кои МО и АРМ ги прават во континуитет и ќе продолжат.

– Реформите ги правиме за нас и единствено на тој начин ќе можеме да одиме напред, потенцира Есмеров.

Би можело да ве интересира

НАТО соопшти дека не ги гледа условите за поканување на Киев во Алијансата

НАТО: Украина да обезбеди војници, ние испраќаме само средства

Горан Наумовски

Нордиските и балтичките земји ја поддржуваат улогата на НАТО во поддршката на Украина

Русија: Немаме намера да влегуваме во конфликт со НАТО

Четири години од членството во НАТО – Земјава не е само фактор на стабилизација на регионот, туку и поттик за државите во соседството

ВИДЕО: 25 години од НАТО нападот на Србија

Катерина Ѓуровски