Потребни се итни реформи во судството и одговорност за судиите кои се огрешиле пред законот, пред институциите и граѓаните, истакна претседателот на здружението „Зелена лупа“ Ване Цветанов на денешната дебата на тема „Да ја вратиме довербата во судовите-правда за секого“.
Тој посочи дека системот за утврдување одговорност на судиите е најважен фактор за владеењето на правото и, како што додаде, ја отвораат јавната дебата пред да се започнат преговорите со ЕУ на која очекуваат да се вклучи и јавноста со цел да се подобри судскиот систем во Македонија.
– Предлагаме да се укине амандманот 27 од Уставот на РМ кој, според нас е противуставен, затоа што од една страна Уставот вели дека сите граѓани се исти во оваа држава пред законите, а од друга страна ги прави судиите над другите, рече Цветанов.
Од „Зелена лупа“ најавија дека ќе поднесат иницијатива за законски измени во делот на одговорноста на судиите, како и за менување на краткиот рок од три години за утврдување нивна одговорност.
– Според сегашното законско решение за судии кои правеле грешки пред повеќе од три години не може да биде покрената одговорност пред Судски совет на РМ и поради тоа ќе предложиме тој законски рок да биде зголемен од три на 10 години, рече Цветанов.
Цветанов истакна дека Законот за Судски совет предвидува доколку се утврди одговорност на судија, второстепена инстанца да е Врховен суд.
– Сега има случај за претседател на Врховен суд да е покрената иницијатива за одговорност од страна на Судскиот совет и доколку биде лоцирана одговорност тој ќе треба да се жали самиот пред себе, рече Цветанов, посочувајќи на случајот со претседателот ва Врховниот суд Јово Вангеловски.
Според Цветанов потребни се конкретни разрешувања на судии, бидејќи досега тоа го немаме видено, како и покренување кривична одговорност за нив и за нивните стручни соработници кои помагале во монтираните судски процеси.
– Не само за 27 април, да не се заборави и на црниот понеделник 24 декември. Се уште не сме лоцирале вина што е уште еден индикатор кој покажува дека правосудниот систем треба да се подобрува, рече тој.
Од „Зелена лупа“ побараа помош од експертите, граѓаните и граѓанските организации за покренување кривична одговорност за претседателот на државата за незаконската аболиција.
– Експертската помош ја бараме со цел да спречиме нова аболиција за што имаме информации дека ја подготвува, рече Цветанов.
Од „Зелена лупа“ поднеле 51 иницијатива до Советот на факти против судии од основни, апелациски и од Врховниот суд за нестручно и несовесно работење. Од поднесените иницијативи, 13 се прифатени, 25 се одбиени, а се уште се без одговор 13 иницијативи.
Говорејќи за пресудите од Европскиот суд за човекови права, адвокатката Данче Чакаровска посочи дека во ЕСЧП има поднесено преку 1.000 постапки за долготрајност на постапката во РМ и дека се донесени околу стотици пресуди во кои е утврдено повреда на човековите права поради долготрајност на постапката.
– Самото тоа што е донесена пресуда од ЕСЧП за несовесно и нестручно работење е причина за разрешувања на судија. Тука нема дилема за утврдување факти дали е сторено или не е сторено. Но досега не е поведена ниту една постапка, ниту пак било кој судија е разрешен од судиската функција поради вака донесени пресуди, рече Чакаровска.
Адвокатката Оливера Доцевска, пак, истакна дека од 2011 година состојбата во правосудниот систем во Македонија е значително влошена не само во судовите, туку и во јавните обвинителства.
Според неа, доживотниот мандат на судиите е она што не дозволува да имаме правен систем каков што заслужуваме.
– Во таа насока потребно е да се смени Уставот и да се врати мандатот на систем на кариера – најмногу осум години на едно судиско место без разлика дали се работи за основните или апелациските судови, рече Доцевска.
Денешната јавна дебата беше во рамки на завршниот проект на ЦИВИКА „Правда за секого“.