Собраниската Комисија за здравство на денешната седница едногласно констатира дека предлог законите за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување и за дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, двата во прво читање, се прифатливи и може да се дадат на натамошно читање.
Со измените и дополнувањата на Законот за здравствено осигурување, осигурените лица кои доброволно дарувале крв и они кои доброволно дарувале ткиво или орган се ослободени од партиципација при користењето на здравствените услуги и лековите.
Според министерот за здравство Никола Тодоров, сериозно хумана мерка е да им се овозможи на тие лица доживотно да бидат целосно ослободени од плаќање партиципација. Тој појасни дека станува збор за мала измена на Законот, но, како што рече, исклучително значајна во процесот на зголемување на бројот на трансплантации во Република Македонија.
Посочи дека на тој процес се сериозно фокусирани во последниот период и многу голем прогрес е направен во изминатите неколку години. Порано, нагласи министерот, се правеле пет, шест до осум трансплантации годишно, минатата година – 36, а годинава се планирани 40 трансплантации.
– Оваа година за помалку од шест месеци се направени две кадаверични трансплантации, процес кој беше сериозно замрен повеќе години. Пресаден е бубрег кај четворица пациенти, што е многу значајно во процесот на пристапување на Македонија кон Еуротрансплант. Мораме прво да го почнеме процесот, а потоа да пристапиме кон нив. Значајно ни беше да заживее и трансплантацијата на ткива. Идејата е да направиме подобри банки посебно на матични клетки, рече Тодоров.
Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека средствата за ослободување од учеството со лични средства на доброволните дарители на крв, ткиво или орган, утврдени со Предлог законот на здравствената установа ги надоместува Министерството за здравство од Програмата која се однесува за доброволно дарување ткиво или орган донесена согласно Законот за здравствена заштита.
Потенцира дека позитивната страна е што Предлог законот не повлекува обврска за обезбедување дополнителни финансиски средства за неговото спроведување од Буџетот на Република Македонија и нема да повлекува материјални обврски за одделни субјекти.
Во образложението на Предлог законот за дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело, министерот Тодоров рече дека на семејството на умреното лице од кое се земени делови од човечко тело (дарител на органи и ткива) ќе му бидат надоместени реалните погребални трошоци, но најмногу до три просечни месечни нето плати по вработен исплатени во Република Македонија во последниот месец пред настапување на смртта.
Предвидено е, како што посочи, паричната помош да ја обезбедува Министерството за здравство преку Програмата која се однесува на земање делови од човечко тело заради лекување донесени согласно Законот за здравствена заштита.
– Идејата е тие семејства да бидат ослободени од сите трошоци за погребални услуги за умреното лице-дарител на органи и ткива. Сметам дека и ова е во насока на проширување на некои права или можности кои ќе доведат до зголемување на бројот на трансплантации, а со тоа и продолжување на животот на повеќе граѓани во Македонија, додаде Тодоров.
Момчило Аврамоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе бидат дефинирани и утврдени условите под кои можат да се земаат, чуваат, да се обработуваат, да се разменуваат, пресадуваат деловите од човечкото тело.
– Тоа е еден важен момент. Се одредуваат и условите што треба да ги исполнуваат здравствените установи кои треба да ги земаат овие органи, да ги обработуваат, пренесуваат, начинот на кој ќе ги пренесуваат и пресадуваат. Многу важно е што се регулира и надзорот на спроведувањето на Законот, посочи Аврамоски.
Трансплантацијата, нагласи тој, е највисок степен на развој на здравството во една држава и со нејзиниот развој во сите сфери и подигнување на ниво и бројка поблиска до европските стандарди според бројот на жители, ние се вклучуваме како рамноправна членка во европските и во светските каталози.
– Со овој проект здравството во Република Македонија ќе се подигне на највисоко ниво, додаде Аврамоски.