Завршува грејната сезона и кризната состојба во енергетиката

Од:

Грејната сезона завршува утре, а со тоа и кризната состојба во енергетиката што ја прогласи Владата во септември лани, со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија во текот на целиот зимски период, како и топлинска енергија на жителите на Скопје кои се приклучени на системот за централно греење.

Од Стопанската комора неделава порачаа дека државата покрај поддршката на домаќинствата и компаниите кои се на регулираниот пазар треба да ги поддржи и компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија, а не да ги остава сами да се снаоѓаат и да си ги решаваат проблемите.

Според Комората, доколку државата до јуни не им даде конкретни гаранции, големите компании треба сами да се здружат и да набават електрична енергија. Како што посочи претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, доколку лани не и верувале на Владата и компаниите сами се здружеле и набавеле електрична енергија таа ќе ги чинела по 118 евра за мегават час просечно. Тој побара конечно да има одговорност од Владата и најави дека една од можностите што им стои на располагање на компаниите, е по судски пат да бараат надомест за штетите што ги претрпеле од неисполнетите владини ветувања.

Одговорност, како што кажа, треба да се побара и од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) заради издавањето на лиценци за трговија со електрична енергија на фирмите со само 5.000 евра гаранција и дозволувањето трговците со струја да немаат никаква одговорност ако ги прекинат договорите за снабдување што ги имаат потпишано со компаниите. Од Комората укажуваат дека РКЕ треба да ја намали и маржата што се наплаќа за пренос на електрична енергија, бидејќи таа е пресметана во моментот кога цената на струјата беше од 400 до 500 евра за мегават час и не соодветствува на сегашните стабилизирани цени на берзата кои се движат од 120 до 150 евра за мегават час.

Резултатите од спроведената анкета на Стопанската комора за загубите кои ги претрпеа компаниите членки во енергетската криза во 2022 година покажуваат дека никаква државна поддршка не добиле 100-те компании од различни сектори кои беа на слободниот пазар на електрична енергија во кои има преку 100.000 вработени и кои генерираат најголем дел од БДП на државата.

Просечната цена на електричната енергија која ја плаќале била повисока од 180 евра за мегават час и тоа придонело да им се зголемат трошоците. Во компаниите во земјоделскиот и прехранбениот сектор за 100 отсто биле зголемени трошоците во делот на електричната енергија кои влегуваат во финалната цена на производот, во хемискиот сектор до 250 отсто, во металуршкиот сектор до 470 отсто и во угостителството и туризмот од 80 до 340 отсто. Единствено во текстилната и кожарската индустрија влијанието било до 25 отсто.

Најголем дел од компаниите укажуваат дека ќе им се намали обемот на работа, ако и годинава има криза која ќе им ги зголеми трошоците за електрична енергија, а дел дури и не би можеле да функционираат воопшто. Укажуваат и на намалување на конкурентноста во споредба со регионот, бидејќи во регионот има субвенционирана цена на електричната енергија за стопанството.

Би можело да ве интересира

АД ЕСМ: Грејната сезона продолжува поради временските услови

Грејната сезона завршува, доколку има потреба ќе биде вклучен системот за топлинска енергија

ЕСМ: Греењето во Скопје е исто за сите потрошувачи

Скопјани од ноември ќе плаќаат за 4,51 отсто поскапо парно

Орце Костов

Власта и општините не крателе од плати и патни трошоци туку од граѓаните за да ги покријат расходите во кризата

Парното поскапува, Регулаторна денеска ќе објави колку