Пренесување на најдобрите практики и искуства од европските земји за спроведување на правата од интелектуална сопственост е цел на 19-месечниот твининг проект „Зајакнување на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост“, чија завршна конференција се одржа денеска.
Твининг проектот во вредност од 1,4 милиони евра што почна во декември 2015 година и траеше до јули годинава го спроведуваше Данската канцеларија за патенти и трговски марки во соработка со Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија. Во негови рамки спроведени се низа обуки со цел да се подобрат и модернизираат надлежните институции во земјава и да се приближи законодавството кон европските стандарди.
Преку проектот зајакнати се административните капацитети на Државниот завод за индустриска сопственост и оперативниот капацитет на Царинската управа, а корисници беа и МВР, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за правда, Академијата за судии и јавни обвинители и Министерството за култура.
Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ во Македонија посочи дека заштитата на правата од интелектуална сопственост е клучна област во пристапот кон ЕУ и додаде дека насекаде има фалсификување на правата од индустриска сопственост и пиратерија на авторските права.
– Димензиите на фалсификувањето се зголемуваат и тоа е феномен распространет насекаде во светот кој е поврзан со корупцијата, нелегалниот пазар, трговија со дрога, тероризам, перење на пари, нелегална работна сила, компјутерски криминал и слични дела. Овие повреди имаат прекугранични димензии, а способноста на земјата да ги заштити и да ги спроведе правата од интелектуална сопственост е од огромно значење за инвеститорите, како домашните, така и странските. Затоа е суштинско барање за да се привлечат инвестиции и да се движат кон економија базирана на знаење, рече Бертолини.
Директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули потенцира дека твининг проектот ќе ја приближи Македонија кон исполнување на условите за членство во Унијата.
– Придобивките од заштитата и спроведувањето на правата од интелектуална сопственост се големи особено за економскиот развој. Затоа Државниот завод за индустриска сопственост презема секојдневни активности за зајакнување на системот за заштита на правата од интелектуална сопственост, рече Емрули.
Помошник директорот на Царинската управа Ѓорѓи Наумов посочи дека уште од 2003 година започна примената на царинската регулатива за заштита на правата од интелектуална сопственост и тоа е една од основните активности и задачи на Цариската управа.
– Просечно се задржуваат околу еден милион различни видови стока за кои се сомневаме дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Бројот на регистрирани авторски права и трговски марки се зголеми на 908 на крајот на минатата година, а годинава е 950 заклучно со крајот на минатиот месец, рече Наумов.
Царината, посочи, учествуваше во твининг проектот каде се разгледуваа мали пратки и интернет нарачки и се првеше анализа на ризик на програмите поврзани со проблемите на интелкетуалната сопственост и поведување на прекршочни и кривични постапки поврзани со интелектуалната сопственост.
– Тоа помогна за натамошно унапредување на спроведувањето на контролата врз правата од интелектуална сопственост од царински аспект, рече Наумов.
Заменик директорот на Данската канцеларија за патенти и трговски марки Келд Ниман Јенсен прецизира дека главна цел на проектот била да се зајакне спроведувањето на правата од интелектуална сопственост со намалување на фалсификуваните стоки и да се обезбедат легалните добра, како и да се усогласи законодавството со европското.
Според анализата за фалсификување и пиратерија во Македонија, направена во рамки на твининг проектот, во земјава во првата половина на 2016 година како фалсификат биле оценети 691.754 артикли од кои 11.014 запленил Државниот пазарен инспекторат, а 57.691 уништило Координативното тело за заштита на интелектуална сопственост.
– Најголем дел од луѓето мислат дека фалсификатите во Македонија се продаваат на пазарите, но тоа не е така. Најмногу фалсификати се нудат на интернет. На сајтовите во Македонија може да се купи фалсификувана облека, обувки, па дури и лекови, рече Јане Хедеград од Данската канцеларија за патенти и трговски марки.
Посочи дека дури 64 отсто од софтверот инсталиран во Македонија е пиратски за разлика од Данска каде има 21 отсто. Полоша е состојбата во Грузија со 84 отсто, Казахстан со 73, а слична е во Хрватска со 51 отсто. Во источноевропските земји пиратскиот софтвер се движи од 42 отсто во Естонија, 38 во Унгарија до 33 отсто во Чешка.