Реформата на јавната администрација е одредница и приоритетна област на Владата на Република Македонија за напредокот во процесот на пристапување во ЕУ. Главната цел е да се создадат услови за развој на професионална, компетентна, ефикасна, одговорна и етичка државна служба која ќе нуди транспарентна високо-квалитетна услуга на граѓаните и бизнисот.
Ова денеска го кажа министерот за информатичко и општество администрација Иво Ивановски на Завршната конференција на проектот на ЕУ „Техничка помош на Министерството за информатичко општество и администрација – МИОА и зајакнување на имплементацијата на Националниот систем за координација на обуки“, имплементиран од страна на италијанската Латанзио во соработка со Формез од Италија, ФИИАП од Шпанија и Центарот за јавна реформа од Австрија.
– Еден од главните резултати на проектот, се однесува на зајакнување на капацитетите на МИОА преку развој на различни алатки што беа промовирани преку проектните активности, како што е развојот на курсеви за е-учење, обуки, функционална анализа и обуки на работното место за управување со фондови од Европската Унија. Акцент се стави и на развојот на 11 програми за обука за хоризонтални прашања и вештини кои можат да се користат во целост, делумно или комбинирано. Шест од програмите се претворени во шест курсеви за е-учење и шест курсеви за микро-учење, истакна Ивановски
Додаде дека воведувањето на алатката за функционална анализа и создавањето на тим од обучени експерти од МИОА е од посебно значење, која произлегува од имплементацијата на проектот.
-Се спроведе функционална анализа во МИОА, а потоа и во Агенцијата за администрација, додека процесот штотуку започна и во Министерството за надворешни работи. Методите и алатките се развиени и прилагодени во согласност со институционалните потреби на земјата, нагласи Ивановски.
Проектот, потенцира министерот Ивановски има важна улога во зајакнувањето на капацитетите на МИОА, а со тоа и создавањето на професионална јавна администрација.
Шефот на Делегацијата на ЕУ Аиво Орав нагласи дека искуството на ЕУ во проширувањето со нови членки покажало дека е потребно завршување на основните работи, како што рече, тоа е владеење на правото, економското управување и реформите во јавната администрација.
-Проценките на постигнатиот напредок ќе се пресметаат со исполнувањето на принципите за реформа на јавната администрација коишто се поделени во шсет области. Прво е стратешката рамка за реформи во јавната администрација како најважна област. Второ е областа за развојна политика и координација а трето е управувањето со човечките ресурси и деполитизирањето. Четвртото е отчетноста на администрацијата, петото е исполнувањето на услугите и шестата област е менаџмент на јавните финансии., рече Орав.
Реформите во јавната администрација додаде Орав ќе мора да се договори помеѓу повеќе министерства. За успешни реформи, рече тој, треба да се вклучат и националниот парламент, регионалната и локална власт, социјалните партнери и граѓанското општество.
Проектот обучи 1.072 државни и јавни службеници низ 40 настани, од кои 548 биле жени а 646 припадници на немнозинските заедници. Процентот на присуство и задоволство од обуките изнесува 80 проценти. Развиени биле 11 нови програми за обука од кои повеќето се претворени во модули за е-учење и микро учење
Проектот Техничка помош на Министерството за информатичко општество и администрација и зајакнување на Националниот систем за координација на обуки, финансиран од Европската унија, започна на 13 мај 2013 година и трае 19 месеци, односно до 13 декември 2014 година.