Завршна конференција на ИПА-проектот за поддршка на модернизацијата на постсредното образование

Од:

Институтот за истражување на образованието од Варшава и Министерството за образование и наука на РМ во изминатите шест месеци го спроведуваа ИПА-проектот за поддршка на модернизацијата на системот за постсредно образование во Македонија, чие завршување денеска беше официјализирано во ЕУ Инфоцентарот во Скопје.

Главна цел на проектот е да го поддржи развојот на човечките ресурси преку модернизирање на системот за образование и обука, со посебен фокус на унапредувањето на постсредното образование. За таа цел се ажурирани стратешките документи и законодавството и хармонизирани со Националната рамка за квалификации.

Тим од 16 експерти – главно од полскиот Институт за истражување на обрзованието, но и од Хрватска, Австрија и од Луксембург, во изминатата половина година во соработка со МОН посетиле 25 средни стручни училишта низ Македонија. Активностите опфатиле состаноци, работилници, обуки, советувања со цел да се подигне свеста за важноста на овој сегмент од образованието, со вклученост на сите засегнати страни/чинители кои придонесуваат за заживување на постсредното образование.

Дана Бишкоска, лидер на проектот и претставник на МОН, на презентацијата на резултатите рече дека она што е направено досега е само почеток во реформите во постсредното образование. Проектот имал четири компоненти со 13 проектни активности и шест задолжителни разултати.

– Посетени се 25 средни стручни училишта, разговарано беше со директорите и наставниците и се добиени одредени видувања и нивни препораки за целиот систем на постсредното образование кој функционираше со стари наставни програми и планови уште од 1989 година. Најважно е изготвувањето на шест стандарди на занимања и стандарди на квалификации, во соработка со Центарот за стручно образование, работадавачите и наставниците, истакна Бишкоска.

Посочи и на следните чекори во реформите и развојот на постсредното образование, меѓу кои се постојаното истражување на потребите на пазарот на трудот, соработка со социјалните партнери, поврзување на установите за постсредно образование со компаниите, дефинирање нови и редифинирање на постојните образовни квалификации, развивање нови стандарди на занимања и стандарди на квалификации во постсредното образование и изработка на нови наставни планови и програми.

На завршниот настан за ИПА-проектот „Поддршка на модернизацијата на системот за постсредно образование” министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу истакна дека постсредното образование им нуди можност на младите луѓе да ги надградуваат нивните професионални и технички вештини, односно да се стекнуваат со квалификации кои се барани на пазарот на трудот.

– Но, исто така ваквите можности се отвораат и за возрасните лица во насока на нивна поголема вработливост како и за развивање нови вештини и квалификации соодветни на постојаните промени на пазарот на трудот, рече Лутфиу.

Амбасадорот на Полска во Македонија Јацек Мултановски е задоволен што токму експерти од неговата земја го спроведувале проектот и се надева дека тој е почеток на понатамошна билатерална соработка на образовните институции од двете земји.

– Полска и Македонија во многу аспекти се слични и можеме да ги споделуваме искуствата со цел да ги реформираме и да ги модернизираме нашите образовни системи, со што ќе се исполнат потребите на глобализираниот свет. Постсредното стручно образование е важна компонента од образовниот систем, која може да го премости јазот помеѓу очекувањата на работодавачите и вештините на тековната и идната работна сила. Овие потенцијали понатаму треба да се развиваат, а овој проект е прв чекор кон натамошна модернизација на постсредното образование во Македонија, рече Мултановски.

Според Мауро ди Вероли од Делегацијата на ЕУ, постсредното образование е малку запоставено во Македонија и оттаму била потребата за негова модернизација и поддршката од Европската унија за овој проект.

– Програмите за постсредно образование треба да обезбедуваат вработилвост и поефективно да ги вклучуваат практиките на учење. Курсевите треба да бидат со модуларен систем и да овозможат флексибилност која е од огромно значење, рече Ди Вероли.

За овој проект беа предвидени вкупно 250.000 евра, од кои 85 отсто од Европската унија преку ИПА-програмата, а 15 проценти се национално кофинансирање.

Би можело да ве интересира

МОН: Поради голем интерес до 25 декември може да се аплицира за финансиска поддршка за учениците

Осум важни достигнувања за осум години: Иновации на Бреинстер што го менуваат образованието

Горан Наумовски

Септемвриските плати во основното и средното образование ќе бидат повисоки за 15 oтсто

МОН ветува – ниту еден наставник нема да биде отпуштен, ниту ќе добива помала плата

А1он

Егзодус во Прилеп: 300 деца отпишани од училиште за шест месеци поради селење во странство

Катерина Ѓуровски

Усписите на ученици во средно образование во две пријавувања во јуни

Ана Ололовска