На јубилејот педесет години од првата Галичка свадба, како зет и невеста годинава својата љубов ја крунисаа 27-годишната Даница Тортеска и 29-годишниот Трајче Лозаноски. Тие беа во центарот на вниманието на над две илајди гости кои дојдоа во пазувите на Бистра за да ја проселдат единствената од ваков вид манифестација.
Покровителот, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов честитајќи им го бракот на младенците заедно со сопругата Маја им подарија икона.
– Голема е честа да се биде покровител на настан кој има толкава традиција. Галичката свадба е израз на сета наша автентичност, сочувани обичаи, нешто што не прави посебни. Ова добар пример како идните поколенија и помлади генерации треба ја чуваат традицијата и како преку тоа да посветат внимание на сопствениот идентитет, изјави претседателот Иванов.
Изведувањето на обичаите почна вчера и продолжија од утрово. Изведувањето на триесетина обичаи карактеристични за мијаците беше заокружено со венчавката во црквата “Св. Петар и Павле”.
Годинава настанот го збогатија членовите на КУД “Кочо Рацин”, кои ги изведоа ората “Тешкото” и “Невестинско”, и притоа беа наградени со долги аплаузи од неколку илјадната публика.
Галичката свадба, прв пат е организирана манифестација од 1963 година, а во изминатите пет децении прерасна во туристичка атракција. Содржи 30 свадбени обичаи од мијачкиот крај. Свадбите во Галичник секогаш се правеле околу верскиот празник Петровден кога печалбарите се враќале дома.