Високите сметки за струја ги погодија и затворите. Директорите веќе сведочат дека за неколкукратно се зголемени сумите кои ги плаќаат. Затворениците, ќе бидат принудени да штедат. Филип Андов, првиот човек на истражниот затвор во Шутка, за „А1он“ вели дека притисокот врз затворскиот буџет веќе се чувствува, бидејќи трошоците за струја се зголемени и над пет пати. Ако минатата година во август, за струја се намениле 183.000 денари, оваа година, истиот месец, се потрошени 984.000 денари. Со ова темпо, за месец дена, ќе се исцрпи буџетот на затворот за струја.
„Правиме максимални напори да заштедиме. Се разбира дека кризата не нѐ одмина ниту нас како затвор. Сите сме свесни дека доаѓа тешка зима, а за тоа ги подготвуваме и затворениците. Казнено поправната установа ‘Скопје’ има и предности, бидејќи произведува и струја преку фотоволтаици која се користи за бољерите. Но и тоа не гарантира дека нема да има рестрикции во текот на зимските месеци“, објаснува Андов за „А1он“.
Во затворот, кој често знае да е со целосно исполнети капацитети, веќе се преземени и мерки за заштеда на енергија, посочува Андов.
„Клима уредите се користат само кога навистина се потребни, прилагодена е температурата на разумно ниво, иако имаме лед светилки во најголем дел од затворот, се обрнува внимание на нивното користење. Се преземаат и повеќе активности за заштеда на електрична енергија, преку елиминирање на уреди кои трошат многу со нивното користење“, додава Андов.
Тој е дециден дека нема да се дозволи прекршување на правата на затворениците, иако мора да се штеди. Командирите и вработените се задолжени уште сега, да го контролираат почитувањето на донесените мерки. Доколку не се почитуваат, составуваат извештај кој го поднесуваат до директорот Андов, а со цел, правилата да важат за сите.