Бесправното градење или дивоградба е кривично дело. Според Кривичниот законик, член 244 а, тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште, без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години.
Ако делото е сторено заради продажба ќе се казни со затвор од најмалку четири години. Изградените недвижности се одземаат.
Судовите во Република Македонија, меѓу кои и Основен суд Скопје 1 веќе имаат донесени пресуди со кои на освен казната за бесправно градење, донеле мерка со која бесправниот објект се одзема во корист на РМ. Дел од жалбите по пресудите од повисокиот суд се одбиени, што значи дека првостепениот суд постапил законски кога донел одлука за одземање на незконската градба, како предмети на делото.
Уставниот суд на 10.10.2012 донел решение да не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 244 а од Кривичниот законик. Уставните судии сметаат дека Уставот ја штити и гарантира соственоста, но само онаа која е стекната на легален начин. Уставот не ги штити бесправно изградените објекти, односно објектите изградени без одобрение за градење или објектите изградени спротивно на одобрението за градење.
„Оспорениот член 244-а, став 6 од Кривичниот законик, кој предвидел одземање на изградените недвижности не може да се доведе под сомнение поради ограничување на сопственоста без постоење на јавен интерес, како што погрешно смета подносителот на иницијативата“, напишале уставните судии.
Владимир Панчевски, претседател на Основниот суд Скопје 1,заедно со уште двајца инвеститори, бесправно и без дозвола, според општина Центар, направиле надградба на зградата на ул. „Никола Вапцаров“ бр.6.
Тие од општина Центар, во јуни 2015 година, добиле одобрение за „реконструкција и санација на фасадата во рамки на постојниот габарит“, кое им следува законски. Со ова решение тие немале право да направат никакво проширување или надградување на објектот. Потоа, во средината на 2016 година, тие поднеле барање за надградба на објектот, кое во август 2016 година било одбиено и вратено на доработка заради јасно наведени недостатоци во проектната документација.
Инвеститорите, меѓу кои и Владимир Панчевски, на своја рака решиле да си доградат уште два ката и поткровје, без да поседуваат соодветна дозвола за тоа.
Инспекцијата на општината, согласно законските прописи и во рамки на своите надлежности, издала барање за рушење на доградените спратови.
Законот, велат за А1он од општина Центар, важи подеднакво за сите и општината ќе постапи според законот.