На јавните површини во Крива Паланка се обновени околу стотина рози, посочија вработените од секторот „Паркови и зеленило“ на јавно претпријатие „Комуналец“, наведувајќи дека и дополнително се засадени уште стотина рози.
-Секторот покрај тековно полевање и одржување на зелените јавни површини во градот, периодов работи и на замена на 130-те саксии кои се поставени на канделабрите долж главната улица Свети Јоаким Осоговски. Се врши замена на љубичиците со летни цвеќиња – петунии и сардели кои веќе се расцветани. Исто така и на канделабрите покрај обиколницата во градот се засадени петунии и друг вид цвеќиња, така што досега, од почетокот на годината во два турнуси на територијата на Крива Паланка се засадени околу 15.000 цвеќиња, изјави Драги Пејчиновски, раководител на секторот „Паркови и зеленило“, во ЈП „Комуналец“.
Рече, во оранжериите на претпријатието, каде се одгледуваат цвеќињата, се добиени и 500 корени расад-хризантеми од Холандија.
– Набавивме 500 хризантеми што се расадуваат од палети во мали саксии и ќе бидат одгледани до потребното развивање за расад на есен во оранжериите. Покрај набавените хризантеми, вработените одгледуваат и околу 1.500 корени сопствено производство на овие повеќегодишни цвеќиња од резници. Сите во третиот турнус на засадување цветни површини во градот, со што ќе се засадат блузу 10.000 корени есенско цвеќе ќе бидат посадени на јавните површини и ќе цветаат се до доцна есен, додаде Пејчиновски.
Секторот „Паркови и зеленило“ во составот на активности, покрај на производство на сопствено цвеќе, од семка до расад, произведува пробно и од резници разни видови декоративни садници, украсни и зимзелени дрвца: хибискус, туја, камеципарис, јавор, бреза, липа, каталпи и други.
Тековно, посочи Пејчиновски, согласно Програмата на претпријатието ва 2018 година, се работи на уредување на повеќе локации кои се запуштени и обраснати.
– Се подготвува и поголема зелена површина во централното градско подрачје, наспроти Јоаким Крчовски, кај стара кожара, што ќе биде хортикултурно уредена, со украсни цветни форми и површини, клупи, декоративни елементи и жардињери со цвеќиња, а ќе биде оформен и тротоарски дел покрај магистралата со елементи за комплетно уредување на локацијата, нагласи Пејчиновски.
Директорот на ЈП „Комуналец“, Миле Марковски, информира дека во тек е набавка и на нови корпи за отпадоци за домаќинствата и контејнери за јавните градски површини.