Започна протестот на Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија 4. Илинден.
Стотици граѓани преку мирен марш ќе го изразат своето незадоволство од како што велат “прифаќањето на албанската платформа од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев“.
Оперскиот пејач Игор Дурловски кој е еден од организаторите на овој протест изјави дека Македонија има три Илиндени, 1903, 1944 и 1991 година и дека дојде време да се обзнани четвртиот.
– Во сите три претходни Македонците јасно и недвосмислено ја искажаа почитта кон сите оние кои живеат под ова небо. Дојде ред и на нас да ја покажеме таа взаемна почит. Ние имаме должност да ги споиме тие вредности од минатото за сите заедно да се насочиме кон иднината. Ниту еден патриот не е против националните права култура и традиционални вредности на својот сограѓанин. Македонија е модерна граѓанска Република, македонците, албанците србите ромите бошњаците, турците власите и сите останати живеат во единствената матична држава на македонскиот народ кој е соочен со негирање и дискриминација, вели Дурловски.
– Бараме ниту една политичка партија во Македонија да не ја уважува дискриминаторската политика на одредени земји, бараме ниту една политичка партија да не прифаќа платформи создадени за туѓи интереси, во туѓи држави без изборен легитимитет чија цел е разнебитување на Македонија каква што ја знаеме. Уставот на РМ е јасен и прецизен во однос на многу прашања кои се однесуваат на македонскиот идентитет и од него не отстапуваме. Бараме од сите наши политички партии да го почитуваат Уставот и да се обврзат дека нема да работат на промеа на името и суштината на нашата држава, Македонија е над сите интереси, рече Дурловски.
Режисерот Борис Дамовски изјави дека ова е мирен собир на граѓани од каде се повикуваат политичките елити да го испочитуваат демократското право на граѓаните и решение до кое е дојдено по мирен изборен пат.
– Сите кои сме тука одлучивме на мирен начин да протестираме за решението на кризата кои не задираат во националните чувства на било кој граѓанин, повикуваме на свест, разум и одлучност над сите политички уцени и штетни договори. Покажуваме почит кон Република Македонија, нејзините институции, чуварите на нејзиниот ред и мир и сите граѓани кои веруваат во иднината на Македонија како заедничка држава, рече Дамовски.
Граѓаните ќе маршираат од пред Влада до Собранието.