Заменикот министерот за локална самоуправа Дејан Павлески денеска присуствуваше на свеченост по повод отпочнувањето на реконструкцијата на улицата „Партизанска“, во Македонски Брод и изградбата на локалниот пат во село Косово.
Првиот проект, соопшти Министерството за локална самоуправа, е финансиран со средства од ресорното министерство, програма за рамномерен регионален развој, а вториот со средства од Светска Банка.
На свеченоста организирана по повод денот на општината, заменикот министер Павлески истакнал дека Владата на Република Македонија за 2018 година ги има дуплирано средствата за рамномерен регионален развој на 4,5 милиони евра, од кои годинава во општина Македонски Брод ќе се финансиират проекти во уште 6 села, нови 4 локални патишта во селата Рамне, Бенче, Долно Ботушје и во Брезница, како и 2 водоводи, во селата Црешнево и Сланско.
Како што стои во соопштението, Павлески укажал и на можностите за општините за реализација на проекти со средства од Европската Унија.
– За реализација на 6-те Програми за прекугранична соработка што ги координира Министерството за локална самоуправа, до 2020 година од страна на Европската Унија се ставени на располагање 100 милиони евра. Ги охрабрувам новите локални власти да ја искористат оваа можност и да аплицираат со свои проекти. За Министерството за локална самоуправа е особено значајна оваа финансиска поддршка од страна на Европската Унија, затоа што овозможува реализирање на значајни приоритети во општините, како што се реновирање на училишта, изградба на детски градинки, обезбедување на енергетска ефикасност во јавните објекти, заштита на животната средина, поттикнување на конкурентноста, без да се трошат буџетските средства од граѓаните. Потребното кофинансирање во висина од 15 проценти го обезбедува Министерството за локална самоуправа, нагласил заменикот министерот за локална самоуправа Дејан Павлески.