Со 70 гласа на власта и опозицијата пратениците го донесоа законот за лекови, со што се создаваат услови за увоз на вакцините со кои треба да се изврши имунизација на населението против Ковид-19 .
На собраниската дебата опозицијата со остри тонови кон министерот Венко Филипче, при што обвини за лаги и манипулации со информациите за набавка на вакцините, како што рече, со цел да ја покрие својата неспособност. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека власта сакала да ја фрли целата вина кон нив што нема вакцини и потсети дека тие не се на власт четири години и дека моралната одговорност за неработењето и нула набавени вакцини е кај власта, односно кај министерот Филипче, кој требало да си поднесе оставка од функцијата.
„Наместо да им се извините на граѓаните што нема вакцини, за неспособноста на Владата вие ја напаѓате опозицијата дека не била присутна на седница кога се предложил законот. И наместо законот да го изготви и поднесе Владата по предлог на Министерството за здравство, законот за набавка на вакцини го поднесува група пратеници, што е многу несериозно. Што прави Владата една година, не знаеше ли дека треба да се вакцинираме? Нè тешеше со најави – сега ќе дојдат, утре ќе дојдат и никако да ги видиме. Нели требаше да алармира министерот дека треба да има законско решение за испорака на вакцините. Тоа требаше да го направите наместо да се сликате и ажурирате таму како членство“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Пратеникот на опозицијата Бојан Стојановски во обраќањето изнесе информации за земјите во Европа и регионот, каде што е почната масовна вакцинација, и побара одговорност зошто во Македонија нема ниту еден вакциниран.
„Наместо да се однесувате во стилот – не сум од тука, видете во статистиката на соседите, во Србија имаат веќе 450 илјади вакцинирани, со најава дека за 15 дена, ќе ги вакцинираат сите граѓани што се пријавиле. Секаде вакцинацијата е во полн ек, само кај нас има нула вакцинирани. Романија има 672.000, 269.000 – Грција, Чешка – 264.000, Литванија – 93.000, Хрватска – 80.000, Луксембург – 11.000, дури и Сејшелите имаат 30.000, а ние ниту еден. Кога ќе биде, кажете? Заев излажа дека платил 800 илјади вакцини, но ги нема. Во Македонија нема нусефект зашто немаме ниту еден вакциниран. Колективна оставка од сите ако имате минимум морал“, порача пратеникот Стојановски од собраниската говорница.
И пратеникот Антонијо Милошоски одговорноста ја побара кај министерот Филипче за доцнењето на вакцините и за големата бројка починати од коронавирусот, при што најави дека сепак ќе го поддржат законот затоа што се работи за колективното здравје на граѓаните.
„На 15 октомври Владата го овластила Филипче да направи законско решение, поминале 100 дена од тогаш, но тој ништо не направил. Наместо да се занимаваше со тоа за што е платен, си правеше пиар, се сликаше со Дедо Мраз како дава подароци на болни деца. Имаме 2.900 починати од Ковид-19, а да беше навреме реагирано, досега ќе се спасеа неколу животи. Македонија е во првите седум земји по број на починати. Кај нас 100 и 200 жртви се многу. Македонија е неславен рекордер во починати. Затоа и министерот не е тука, затоа пратениците го потпишуваат овој закон, затоа што нема да знае да одговори на многу прашања, да даде образложение зошто не понудил услуги што им следуваат на граѓаните“, додаде пратеникот Милошоски.
На обвинувањата на опозицијата пратениците од власта ги повикаа колегите пратеници да не собираат политички поени кога се работи за општото добро на граѓаните, туку да покажат конструктивност.
„Секоја жртва е голема загуба, да не се однесуваме како гробари да броиме починати затоа што таквото однесување не е ниту морално ниту одговорно. Колку побргу го донесеме законот, толку побргу ќе се вакцинира населението. Да бидеме ефикасни побргу да се донесат измените, да не губиме време на политички престрелки“, рече пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ.
Инаку, со законското решение се овозможува набавка на вакцините од компанијата „Фајзер“, која нема претставништво во државата, а треба да се набават 800 илјади дози.