Закон за мобинг и решавање на загубарите најавува претседателот на ССМ

Од:

Донесување закон за мобинг, решавање на статусот на работниците од претпријатијата загубари и потпишување на Колективнот договор во јавниот сектор се дел од активностите на Сојузот на синдикатите на Македонија планирани за годинава што претседателот Живко Митревски ги најавува во интервју за МИА.

Очекува годинава да биде донесен законот за психичкото вознемирување на работното место попознат како закон за мобинг откако ќе заврши работата во работните групи формирани од Економско-социјалниот совет кои го разгледуваат текстот понуден од Сојузот на синдикати на Македонија.

– Анкетите на Сојузот на синдикатите на Македонија и Синдикатот на финансиските работници на Македонија (СФДМ) покажаа дека кај 48 проценти од испитаниците има појава на мобинг. Во средините каде што се вршеше испитувањето, тоа беше загрижувачко, а ако се има предвид постоечката регулатива од Законот за работни односи само со еден член посветен на ова прашање, тоа беше основа во мај да поведеме кампања за донесување нов Закон за забрана од психички вознемирувања или мобинг, вели Митревски.

Според него, донесувањето на Законот за минимална плата претставува крупна и историска победа на синдикалното движење кој своите позитивни ефекти веќе ги покажува во првата година од имплементацијата.

– Најновите истражувања и анкети направени и од Организацијата на работодавачи на Македонија покажаа дека она што го очекувавме како социјални партнери е дека дури и во висината на минималната плата и во најзагрозените гранки истата се исплатува во полн износ. Од таму пак, по пат на аргументи покажавме и докажавме дека донесувањето на овој Закон и во услови на страшна криза е храбар, одговорен и историски чин. Има елементи за кои може да се зборува за подобрување, но тоа секако социјалните партнери ќе го имаат во предвид, истакнува Митревски.

Во интервјуто што во целост ќе биде објавено подоцна, претседателот на ССМ меѓу другото говори и за потпишаните колективни договори во 2012 година, за синдикалната кошничка, за правната помош што синдикатот им ја нуди на своите членови, а се осврнува и на сработеното во годината што измина.

Би можело да ве интересира

ССМ организира протест на 1 Мај, ги повика работниците масовно да излезат

Синдикалната минимална кошница за април 68.797 денари

Трендафилов: Повеќе од три години откако Дарко Димовски не е повеќе меѓу нас, водат постапки обидувајќи се да докажат дека тој не е претседател на ССМ

Живко Митрески: Граѓанскиот суд донесе пресуда со која потврди дека во 2017 година нелегитимно сум сменет, сите одлуки на ССМ оттогаш се ништовни

Минималната потрошувачка кошница се приближува до 70 илјади денари

Триангл: Да се почитуваат договорите за зголемување на платата и колективните договори, а законите да се спроведуваат