ВИДЕО: Заканувачот Јакимовски од затвор давал инструкции како се поставуваат вести на сајт, полицијата му нашла телефон во ќелија

Од:

Во ќелијата на притворениот заканувач Емил Јакимовски, при претрес бил пронајден мобилен телефон со СИМ картичка, констатираше судијката Џанета Бегтовиќ на првото судење. За ова, била известена од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Вештак направил психијатриско вештачење, а во заклучокот навел дека е способен да го следи судењето. Обвинителката Наташа Сарамандова побара вештакот да биде повикан на следното судење.

„Вештото лице во својот заклучок има констатирано дека обвинетиот Емил Јакимовски е способен да го следи текот на расправата. Неговата здравствена состојба се менува, затоа ќе се произнесе вешто лице за неговата моментална здравствена состојба, односно дали обвинетиот е способен да го следи текот на расправата“, констатираше судијката.

Затворот „Скопје“ известил дека во ќелијата каде е сместен Јакимовски бил пронајден телефон.

„Примено е известување од КПУ затвор „Скопје“ со кое се известува судот дека при претрес на соба во која е сместено притвореното лице Јакимовски Емил е пронајден мобилен телефон марка „Хуавеи“ со избришан ИМЕИ“, констатираше судијката Џанета Бегтовиќ.

Судот добил известување и дека Јакимовски давал инструкции на неговото семејство како да се користи портал и инструкции за ставање наслови.

„Примено е и известување од КПУ затвор „Скопје“ со кое се известува судот дека за време на посетата на притвореното лице Емил Јакимовски со неговото семејство давал иструкции за користење на портал и ставање наслови на „Фејсбук“. Во прилог има и службена белешка потпишано од овластено службено лице, виш надзорник од затворот“, посочи судијката Бегтовиќ.

Јакимовски бараше од судот да овозможи да се брани од слобода, а судијката рече дека предлог ќе треба да поднесе преку адвокатот.

„Во оваа медиумска хајка против мене е успено да се издејствува мое бркање од работа од Централниот регистар, до утре морам да поведам до надлежен Основен суд работен спор, немам можност да поведам постапка бидејќи немам законски застапник. Бидејќи немам можност да се бранам, барам судот да овозможи да се бранам од слобода“, посочи Јакимовски пред судот.

Главната расправа е закажана за 13 февруари.

Емил Јакимовски се товари за вршење на семејно насилство и загрозување на сигурноста со сериозна закана кон неговата поранешна сопруга, на која и се заканувал дека ќе ја нападне нејзе, но и нејзиниот татко. Тој се товари и за закани упатени кон новинарката, Мери Јордановска. Обвинителството соопшти дека Јакимовски преку мобилни апликации и пораки и се заканувал на Јордановска дека ќе изврши кривично дело – убиство.

Би можело да ве интересира

Една година и осум месеци затвор за заканувачот Емил Јакимовски

А1он

Пресудата за заканувачот Емил Јакимовски ќе биде донесена на 16 март

Искра Манојлоска

Продолжен притворот на заканувачот Емил Јакимовски, пресудата на 6 март

А1он

ВИДЕО: Следната недела ќе биде донесена пресуда за заканувачот Емил Јакимовски

Искра Манојлоска

(ВИДЕО) Митровски: Јакимовски е опасен за себе и околината, притворот му е одреден бидејќи може да го повтори делото

Кристијан Ландов

Заканувачот Емил Јакимовски доби уште еден месец притвор за заканите и семејното насилство