Македонија да биде пристојно место за живеење за секој, место каде што различностите се прифатени, луѓето уживаат еднакви слободи и права, а не држава на нетолерантност, дискриминација, хомофобија и национализам, рече претседателката Моника Зајкова на изборното Собрание на општинската организација на Либерално-Демократската Партија во Карпош по повод 26-годишнината од партијата.
– За мене претставува исклучителна чест што токму во мојот мандат, општинската организација во Карпош добива нова организациона структура, со нови членови кои заедно со сегашните членови ќе направат истата повторно да стане една од водечките општински организации на нашата партија, додаде таа и се заблагодари на заблагодари на основачите и членовите на партијата за нивната истрајност, визија и желбата за општествени промени.
Таа му честита на новиот општински претседател на Карпош Филип Филиповски Ипи и му порача дека време е после повеќе од 10 години либерал-демократите да имаат огранок во оваа општина.
– Оваа општинска организација уште повеќе ќе работи на градење нови кадри, полни со свежа енергија и спремни за политики кои ќе го подобрат секојдневието на секој човек., рече Филиповски.
Зајкова во своето обраќање потенцираше уште еднаш дека Македонија треба да биде пристојно место за живеење за секој, место каде што различностите се прифатени, луѓето уживаат еднакви слободи и права, а не држава на нетолерантност, дискриминација, хомофобија и национализам.
– 26 години сме препознатлив фактор на политичката сцена, учествувајќи во носењето на клучни државнички одлуки кои ја водат Македонија напред, борејќи се за либералните и европски вредности, за подобар живот на секој човек, посочи Зајкова.
Според неа ЛДП останува партија која се залага за транспарентно работење, почитување на човековите слободи и права, инклузивност при работењето и носењето на политики, и силно залагање за интересите на сите граѓани во нашата држава.
– ЛДП преку своите членови и општински организации ќе биде најгласниот протагонист за ефикасно справување со корупцијата. Уште еднаш потсетувам дека за личности чиишто намери се богатење на грбот на граѓаните, нема место во ЛДП. Преку нашите национални и локални политики ќе бидеме стимул во обезбедувањето на стабилност, економски развој и можности за младите. Енергетска транзиција, чисти и зелени локални самоуправи. Институции и општини кои ќе бидат брз и ефикасен сервис на граѓаните. Децентрализација, ИТ номади, развој на спортот, развој на претприемништвото и можности за слободно здружување. Ќе бидеме чувар на општините, чувари на позитивните вредности во кои партиската книшка, неквалитетот и стереотипите ќе останат практики од минатото, заклучи Зајкова.
Таа додаде дека ЛДП ја гледа како сериозен политички фактор без кои не би можела да се формира ниту една Влада.
Политиката е никогаш завршен маратон, никогаш завршена битка за подобар живот.
Состојбата во Македонија, патот кој треба да се изоди до либерално општество е неограничено поле за политичка акција на Либерално демократската партија, за нејзино докажување дека не се сите исти, што како анегдота постои за политичка пасивизација на граѓаните. Лично верувам дека ЛДП може да докаже дека не сме сите исти, дека има луѓе кои се држат до вредностите за просперитет, развој, наместо до вредноста на моќ и личен интерес.
На крајот од изборното собрание на ОО ЛДП во Карпош се одржа свечен коктел по повод 26 годишнината на кој ЛДП го одбележа датумот на основање во кругот на членовите од партијата.