На промоцијата на изборната програма за третиот мандат, кандидатот за градоначалник на општина Струмица Зоран Заев јавно му се заблагодари на ВМРО ДПМНЕ за големата услуга што му ја направија во оваа кампања. Слоганот „избери дела“, советничката листа и кандидатот за градоначалник Васил Пишев, се трите работи на кои е посебно благодарен.
Не е се црно во ВМРО ДПМНЕ. Јавно им се заблагодарувам за три работи. Првата работа е изборниот слоган „избери дела“, каде има повеќе дела од Струмица? На секој чекор, каде и да се завртиш, прозорец да отворите ќе видите ново дело реализирано од вашата општина, што само за вас имав чест да ја водам. Мојата благодарност е и за советничката листа. Овие осум години бев најмногу критикуван дека Заев дели тендери на блиски до Заев и СДСМ.
Денеска, вели, на нивната советничка листа високо на добитна позиција е Никола Пандев од „Жикол“, беше главен изведувач на градскиот плоштад, главен изведувач на гасификацијата, главен изведувач на „Глобал“, најголем дел од канализациите тој ги правеше, дел и од водоводите, многу улици и тротоари. И со тоа денеска ни завршија ѓаволска работа, немам ништо против човекот и фирмата, тоа е наша струмичка фирма и работат наши сограѓани, тие се најконкурентни и најквалитетни и секогаш се бираат токму такви. И третата благодарност до ВМРО ДПМНЕ е за кандидатот.
Сам да го бирав, рече тој, подобар за мој аршин не можам да си изберам. Со кого сега да се натпреварувам, со кој да се споредувам. Можеме ли да споредиме 2.360 проекти наспроти 5 и дали толку ги има. Може ли да се спореди моето образование со неговото, Славица на 19 место ни е магистер по правни науки. Го гледам човекот се уште на веб страната стои средно образование. Пред некој ден, пред Фон дава изјава, знаењето е сила, знаењето е моќ. Господ да чува и да брани. Дали може да се споредуваат 150 државни меѓународни и домашни награди и признанија, наспроти една единствена која јас му ја дадов на Васил Пишев за десетгодишниот јубилеј на “Алмакс“.
Со кого да се натпреварувам кога на прва ги одби амандманите за повеќе пари за струмичкиот карневал, за чистење на речните корита и канали, кога тешко може да го прочита напишаното од неговиот штаб. И тој и сите треба да знаат Зоран Заев нема друг град, друга општина, Зоран Заев нема друга татковина, јас и моето семејство даноците ги плаќаме единствено во Република Македонија и во тој поглед не можеме да се споредуваме. Да гласаш за Васил Пишев е како да не ја сакаш својата Струмица, да гласаш за ВМРО ДПМНЕ е да не ја сакаш својата Македонија, рече Заев.