Македонија, заедно ја продолжуваме борбата за слобода, повикувам на широк граѓански фронт против Никола Груевски, во платформа за Слободна Македонија, политичките партии, НВО, професорите, вработени и невработени, синдикатите, сите борци за слобода. Заедно да ја вратиме демократијата, да ја донесеме слободата. Демократска Македонија не прифаќа лажни избори, слободна Македонија за фер избори и независни институции. Слободна Македонија за враќање на европските вредности, повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев од прес конференција во партиското седиште.
Тој кажа дека широкиот фронт против Груевски ги има сите опции на располагање за да се спротивстави на уште едни нерегуларни избори.
-Немаме намера да ги гледаме на телевизија изборите, ќе ги искористиме сите алатки со кои располагаме. Од сите лепези, улицата е секако една, и тука не ни бегаат улиците, сокаците и градовите во цела земја. Уште еднаш ги повикувам сите борци за слобода, синдикатите, здруженијата, сите граѓани, да се приклучат, одговори Заев на новинарско прашање.
Според него, засега нема став дали ќе ги повлечат членовите на партијата во ДИК, но тоа ќе биде решено во текот на утрешниот ден со коалиционите партнери.
Заев на прашањето дали врз него се врши притисок од меѓународниот фактор одговори:
-ВМРО-ДПНЕ и ДУИ овозможија изборите да бидат невозножни, на 5 јуни се невозможни избори. Последната шанса за реформи во медиумите беше одбиена пред некој ден, треба да сочекаме тоа што е функција на ДИК, да се изјасни дали е прочистен избирачкиот список. За нас нема друго решение за излез од политичката криза освен Пржинскиот договор, за тоа стоиме принципиелно.
Знаеме дека нема услови за регуларни избори зашто не е прочистен избирачкиот список. Нашите пријатели од Европа имаат добра намера за Македонија, борци за европските вредности, кога разговараме тоа го правиме со аргументи, ние продолжуваме да разговараме и да се бориме за тоа што веруваме. Ако се откажеме, тогаш Македонија нема да има премиер, туку диктатор од секој аспект, рече Заев.
Според лидерот на СДСМ, со негласањето за оставките, министрите на СДСМ останале заробени во владата.
-Со едностраната одлука на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ тие го уриваат Пржинскиот договор но и ги заробија министрите да останат во Влада. Спасовски и Ременски нема да си дозволат непочитување на законот. Еве има судење за “Диво насеље“, само Оливер Спасовски може да потпише за специјалните единици. Правиме правни напори да ги извлечеме нашите луѓе од влада, рече Заев.
На прашање дека Ахмети пренел како Хан му кажал дека треба нему да му се остави понатамошната улога на опозицијата, Заев кажа:
-Вчера неколкупати се слушнав со Хан, очекувам дека пријателите на Македонија, Европската комисија која ја води Хан, дипломатите да продолжат да и помагаат на Македонија на принципиелен начин. Тие својот дел го завршија принципиелно, прашањето е што ние правиме овде, одговори Заев.
Доколку се дрзне власта да го урне Специјалното јавно обвинителство, Заев кажа дека материјалите треба повторно да се вратат од каде што беа дадени-кај опозицијата.