Заев: Подготвени сме за избори и организирани според меѓународни стандарди

Од:

Добрососедските односи не можат и не смеат да бидат еднонасочни. Македонија има потреба и обврска да гради искрени и блиски релации со соседите, но исто така тоа е обврска и на соседните држави, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за бугарската новинска агенција „Фокус“.

Во продолжение можете да го прочитате целото интервју на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за бугарската новинска агенција „Фокус“

ФОКУС: Кои се приоритетите на вашата партија во иднина?

Зоран Заев: На 14-тиот Конгрес што се одржа пред неполн месец, СДСМ низ внатрепартиската изборна процедура за Претседател на партијата постави нови политички, цивилизациски, демократски стандарди во политичкото делување во Република Македонија. За прв пат во плурална Македонија, членството и делегатите на една партијата имаа можност да се запознаат со програмите и понудите на дури четворица кандидати за Претседател. Мојот избор за Претседател на СДСМ  е резултат на волјата на членовите на партијата, изразена преку апсолутното мнозинство гласови на делегатите на конгресот.

Неделава што изминува одржавме уште еден,15-ти Конгрес на партијата на кој во јавноста ги потврдивме визионерството и авангардноста на СДСМ на политичката сцена во Македонија. За прв пат во статутот на една политичка структура се содржани одредби за гарантирано учество на најмалку 30 проценти млади луѓе до 32 годишна возраст и 40 проценти на помалку застапениот пол во органите и телата на партијата.

За  СДСМ ова е само уште една етапа до нашата крајна цел, а тоа е целосна еднаквост и застапеност на обата пола во органите на партијата како и максимална мотивација на младата популација за нејзино активно партиципирање и одлучување во политиката.

Овие нови, би рекол историски  вредности што ги промовира СДСМ, нема да дозволиме да останат само на ниво на внатрепартиска организираност. Ќе сториме се истите да ги наметнеме да бидат прифатени од останатите политички субјекти во државата и  да претставуваат законска обврска при комплетирањето на листите на партиите на секои наредни избори.

За мене претставува огромна чест да предводам партија што е пример за отвореност, транспарентност и блискост со граѓаните. Воедно тежи обврската, заедно со мојот тим да го вратиме Социјалдемократскиот Сојуз на победничката патека. Да ја освоиме власта во земјата и да создадеме од Македонија успешна и просперитетна држава, полноправна членка на европското семејство на народи. Нашите граѓани тоа го заслужуваат.

ФОКУС: Како ја оценувате политичката ситуација во Македонија?

Зоран Заев: Благо кажано, сложена и проблематична. Република Македонија е држава во која владеењето на ВМРО ДПМНЕ и неговите коалициони партнери покажа сериозни пропусти и слабости. Во Македонија институциите на системот се нефункционални и под притисок на владејачката гарнитура. Наместо реформирано имаме контролирано судство. Сериозно е загрозена слободата на медиумите, а има случаи на притворени новинари  без издржано образложение.

Македонија е земја и на политички затвореници. Критичарите на нејзините политики власта ги етикетира како предавници или странски платеници. Државата интензивно и непродуктивно се задолжува, а граѓаните живеат во се поголема сиромаштија. Од пример на стабилна, мултиетничка и мултиконфесионална демократија, Македонија денеска се наоѓа во сивата зона на конфликтности во општеството што претставуваат сериозна опасност и закана за стабилноста на земјата.

ФОКУС: Која е вашата оценка за европската интеграција на Македонија и како го оценувате неспомнувњето на Македонија во заклучоците од Самитот на ЕУ?

Зоран Заев: Република Македонија четврта година по ред од страна на Европската Комисија добива препорака за почеток на преговорите за членство со Унијата. Меѓутоа, на штотуку завршениот самит на ЕУ, Република Македонија не беше ниту спомената во заклучоците, ниту беше предмет за расправа на дневниот ред на премиерите на земјите членки. Истовремено, земјите од регионот бележат видлив напредок. Хрватска стана членка на ЕУ, Србија доби почеток на преговори, Црна Гора е веќе во процес на преговарање со Унијата. Косово ја доби спогодбата за стабилизација и асоцијација.

За потсетување, Република Македонија прва од земјите членки на таканаречениот Западен Балкан уште во далечната 1999 година ја потпиша спогодбата за стабилизација и асоцијација, а во 2005-тата година се стекна со статусот на земја кандидат за членство во Европската Унија веднаш по Хрватска.

Осум години подоцна, од кои седум години на власт е коалиционата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ, Република Македонија наместо предводник, се стекна со епитетот „Турција на Балканот”. Само несериозна и неодговорна влада причините за ваквиот стратешки неуспех може да ги препише на двојните стандарди на земјите членки на ЕУ, или да ја обвинува опозицијата, притоа без ниту еден збор самокритичност за сопствените  политики. Факт е дека оваа власт доживеа целосен неуспех во евроинтегративните процеси, за кој премиерот Груевски и неговата влада мора да понесат одговорност.

ФОКУС: Каква ќе биде позицијата на СДСМ во однос на прашањето за името? Очекувате ли поголем консензус меѓу пол. партии по ова прашање?

Зоран Заев: Станува збор за наметнат и крајно нерационален и непринципиелен спор и проблем што Република Грција го има за уставното име на Република Македонија. Грција го злоупотребува членството во Унијата и ги користи сите дозволени и недозволени средства и механизми, како примената на ветото на пример, да ја попречи Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ. СДСМ постојано истакнува дека тоа е една нефер позиција, злоупотреба на привилегиите на земја членка, во целосна спротивност со нејзините меѓународни обврски.

Кога станува збор за ова прашање нема поконструктивна и попосакувана опозиција од СДСМ за било која влада.

Меѓутоа, за жал, Премерот Груевски одлучи да го монополизира и авторизира ова прашање. СДСМ и опозицијата во Македонија е целосно исклучена од процесот на преговарање. Можеби звучи неверојатно, но дури ниту за содржината на последниот предлог на посредникот на ОН, господинот Метју Нимиц, ние како најголема опозициона партија немаме никакви информации. Во меѓувреме, предлогот е тема на секојдневни коментари во медиумите во Грција.

На Република Македонија и е повеќе од неопходен политички консензус околу овој суштински проблем за државата. Тука пред се потребна е  иницијатива од страна на претседателот на владата  и  претседателот на државата, но во насока на решение на проблемот, а не консензус за  поддршка на досегашните неуспешни политики.

ФОКУС: Каква е вашата оценка за добрососедските односи и треба ли Македонија да ја промени политиката кон соседите?

Зоран Заев: Добрососедските односи не можат и не смеат да бидат еднонасочни. Република Македонија има потреба и обврска да гради искрени и блиски релации со соседите, но исто така тоа е обврска и на соседните држави. Не смее да се злоупотребува привилегијата на членство во ЕУ, или големината на земјата по бројност на население и дисперзираност на малцинствата за проблематизирање и наметнување притисок во меѓусебните односи. Сите ние треба да се воздржуваме од провокации, да ги оставиме зад нас фрустрациите од минатото и без комплекси и предрасуди да пристапиме на процесот на меѓусебна соработка.

ФОКУС: Каков е вашиот став за договорот за добрососедство што Бугарија и го предлага на Македонија?

Зоран Заев: За жал меѓусебната недоверба на Балканот изнудува решенија што се одамна надминати во цивилизираниот свет. Ние се уште имаме потреба од потпишување договори за основните прашања што ги регулираат меѓудржавните и меѓучовечките односи. Меѓутоа, без оглед на формата, неопходни и максимално корисно за двете земји е што поскоро да изнајдат взаемна согласност и да ги надминат меѓусебните недоразбирања. Република Македонија и Република Бугарија се соседски, пријателски земји. Делиме многу заеднички моменти од минатото, но уште позначајно треба да создаваме заедничка иднина втемелена врз принципите  на взаемна почит и пријателство.

СДСМ секогаш практикува соработка базирана на искреност и принципиелност во меѓусебните односи. Не ни требаа пишани договори, релациите треба да произлегуваат од секојдневните постапки на актуелните политичари.

ФОКУС: Како го оценувате степенот на демократија во Македонија и каква е Вашата оценка за слободата на изразување и слободата на медиумите?

Зоран Заев: Погоре делумно одговорив на ова прашање. За жал, индексот што ја мери слободата на медиумите во Македонија последниве години е во постојан и интензивен пад. Тоа во своите извештаи го констатираат сите  надлежни меѓународни институции.

Но, не ни требаат меѓународни извештаи за да ја согледаме реалната состојба. Во Македонија е нарушено достоинството на професијата новинар. Се затвораат медиуми, се врши прогон врз критички ориентираните новинари. Со средства издвоени од буџетот на државата, наменети за владино рекламирање, власта ги корумпира медиумите и ги држи во вазалски однос под постојан притисок.

Без слободни и независни медиуми нема услови за демократија во  општество. Тоа им е јасно на сите, освен на Груевски.

ФОКУС: Очекувате ли предвремени избори?

Зоран Заев: Со оваа власт се е можно. Во неколку наврати Премиерот Груевски се одлучи на предвремени избори тогаш кога него му одговара, а како маскирање и одвлекување на вниманието од неуспехот на неговите политики. Нема да бидам изненаден доколку повторно донесе таква одлука.

Меѓутоа, едно е сигурно. СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи одржување на избори за кои однапред се знае дека ќе бидат реализирани во спротивност со стандардите и препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Досегашната наша конструктивност и учество во изборните циклуси заради интересите на државата во ситуации кога беше јасно дека подготовката и реализацијата на изборите се далеку од регуларни, не чинеше неколку тешки порази. Мора да ставиме крај на самоволието на власта.

ФОКУС: Следните избори во Македонија се претседателските. Ќе биде ли подготвен СДСМ да се спротивстави на ВМРО ДПМНЕ?

Зоран Заев: СДСМ во изминатиов месец одржа два конгреса, ги избра новите раководни тела и органи, ги спроведе статутарните реформи неопходни за зацврснување и зголемена ефикасност на партијата, за  отвореност и приближување до граѓаните. Ние уште денеска сме целосно подготвени за избори, но како што веќе истакнав, единствено врз основа на подготовки согласно меѓународни стандарди.

А кога ќе се случат такви избори, ќе бидете изненадени колку лесно ќе биде поразена оваа владејачка номенклатура. Сеедно, дали на предвремени, парламентарни или редовни претседателски.

Интервјуто на бугарски и англиски јазик може да го погледнете преку директниот линк на веб страната на „Фокус“.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Секој ден се палат коли во Скопје, неспособноста на Тошковски е закана за безбедноста

Предраг Петровиќ

СДСМ: За шеф на патарините е назначен човек со бројни злоупотреби зад себе

A1on

СДСМ: Наместо 12% наставниците добиваат само 5% зголемување на платите

СДСМ: РЕК Битола не работи, Божиновска и ДПМНЕ се неспособни да менаџираат со енергетскиот систем

СДСМ: Божиновска да поднесе оставка, премногу скандали и лаги и сервираше на јавноста

ВМРО-ДПМНЕ: Цената на автопатот Кичево – Охрид, СДС и ДУИ ја зголемиле за 200 милиони евра без образложение

Катерина Ѓуровски