Заев: Нема корупција во највисокиот ешалон на власта

Од:

Премиерот Зоран Заев прашан денеска дали ќе побара одговорност од вицепремиерот за борба против корупцијата, по објавениот Извештај на Стејт департментот за инвестициска клима за 2021, во којшто меѓудругото се нотира и дека корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во земјава, категоричен е дека во највисокиот ешалон на власта, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција.

– Апсолутно не. Никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција. Значи, таа не е пронајдена кај министрите, кај директорите, пронајдена е по анализата системски, тоа значи во делот на административното функционирање на јавните институции. И затоа поставивме потпретседател на Влада меѓудругото задолжен за борба против криминалот и корупцијата и девет, десет месеци се работи на таа тема со ваков фокус. Институциите што постојат и досега, како независните институции – ДКСК, Државен завод за ревизија, Јавното обвинителство, правосудството може да бидат само помогнати од овој ресор затоа што дефинитивно ние сме телото, односно јавниот сектор е телото каде што независните институции го прават мониторингот за борбата против криминалот и корупцијата, вели Заев.

Коментирајќи го извештајот на Стејт департментот, премиерот вели дека тоа треба да биде „ветер во грб“ за да можеме, како што нагласи, да го отстраниме тоа како девијантна појава што ја има насекаде во светот, во Западен Балкан, а ја има и во Северна Македонија, како едно зло кое што ја кочи и економијата, развојот и севкупниот квалитет на живот.

– Секојпат извештаите на стратешките партнери дали е тоа ЕУ или е Стејт департментот се важни, валидни и треба да посветиме секојпат внимание. Во самите анализи кога ќе го видите самиот извештај на Стејт департментот прво зборува за огромни придобивки и позитивни промени што се имаат случено во Северна Македонија, но јасно ги лоцираат и своите слабости. Нам ни е јасно од страна на Владата по сите анализи заедно со Транспаренси интернешенл, со Стејт департментот, со Европската делегација овде и со многу други граѓански организации го утврдивме нивото на корупција што се случува на трето ниво. Таму каде што граѓаните шалтерски допираат, имотен лист, одобрение за градба, решенија, согласност или слично и ќе го промениме. Посебно дури и Стејт департментот ја поздравува и дигитализацијата каде што буквално субјективниот фактор на одлучување на административно ниво ќе се замени со компјутер, со што дефинитивно ќе може да се бајпасира тој субјективен фактор на административниот работник кој е точка на корупција помеѓу граѓаните и јавната администрација и верувам дека ќе имаме сериозни успеси во периодот што престои пред нас за да можеме да учиме од ваквите извештаи и да се подобруваме, рече Заев.

На новинарско прашање за перцепцијата во јавноста дека ДКСК е оставена сама на себе да се бори против корупцијата, Заев вели дека Комисијата е независна институција, и како и ДЗР, и тие немаат врска со извршната власт и како регулаторни тела, но и како другата власт – судството и обвинителството, си ја работат својата работа.

– Преку Владата и потпретседателот на Владата за прашања за борба против криминалот и корупцијата ние сакаме да го помогнеме процесот, да го превенираме, антиципираме, да даде уште поголеми резултати. ДКСК одлуките што ги има донесено во нивната реализација споредбено со поранешните антикорупцски комисии се едно 50 пати повеќе спроведени отколку порано. Прво, има решение и одлуки на ДКСК, знаете дека се сменија раководни структури во државата, се прекинаа вработувања во државата, директно се менуваа членови на управни и на надзорни одбори на државата, се реагираше веднаш проактивно согласно нивните извештаи. Дел од извештаите, некаде 15-ина, ние ги обжаливме на Управен суд, затоа што Владата е навистина различна од независните тела. Од тие 15-ина. 10 ги имаме добиено на Управен суд. Тоа кажува дека не значи оти ДКСК секогаш е во право. Таму каде што нема дилеми веднаш влегуваме во спроведување, таму каде што има дилеми, тоа го обжалуваме на Управен суд, добиваме пресуда, конечноста на пресудата значи акт за спроведување од страна на Владата и така ќе постапуваме секој во делокругот на своите надлежности, посочи премиерот.

Би можело да ве интересира

Пивоваров: Полиграфска проверка на службениците на границите, како мерка за сузбивање на корупцијата

Антикорупциска испитувала непотизам на битолскиот универзитет: Вработен професор кој бил второрангиран

Напредок од два индексни поени и девет позиции на Индексот на перцепција на корупција за 2023

Ковачевски за средбата со Заев и Ахмети: Зборувавме за настапот на партиите на изборите и за членството во ЕУ

Александар Тодески

Јан Коп до Ахмети: Посветеноста за членство во ЕУ е загрозена поради падот на владеењето на правото

Ковачевски за писмото на Заев: Во демократија секој има право на став