Премиерот Зоран Заев денеска соопшти дека веќе имал средба со Мендух Тачи и со Билал Касами во врска со претстојните локални избори, а до крајот на оваа недела треба да се види и со Али Ахмети. Генерално, сите, како што рече, се реалисти во однос на позиционирањето и потврдуваат меѓусебно помагање.
Според Заев, коалициското поставување е логично и најверојатно 50 отсто таков ќе биде настапот во првиот круг од изборите, додека 25 или 30 проценти ќе биде коалициски настапот во вториот круг.
-Со Тачи се видов пред две-три недели, исто и со Билал Касами, а до крајот на оваа недела треба да се видам со Ахмети. Сите потврдуваме заедничко помагање зашто сме коалиција на централно ниво, а убаво би било тоа да биде преточено и на локално ниво. Логично е коалициски да се поставиме, најголем дел ќе бидат коалициски настапи во првиот круг, 50 отсто, 25 или 30 проценти би биле во вториот круг и некаде по завршуавње на изборите ќе правиме повторно коалиција, објасни Заев, одговорајќи на новинарски прашања.
Сепак, додаде, локалните избори се поразлични од парламентарните и многу зависи од кандидатите.
На прашањето кого ќе поддржи СДСМ во Тетово, БЕСА или ДУИ, Заев рече дека е најдобро секој да излезе со свој кандидат во првиот круг, а потоа да се поддржи оној од коалицијата што ќе влезе во вториот круг.
-СДСМ ќе го поддржи СДСМ. Ги имаме трите коалициски партнери. Таму имаме тројца коалициски партнери кои сигурно настапуваат со свои кандидати. Нашето општинско раководство вели дека треба и ние да настапиме. Дел од анкетите ни покажаа дека спаѓаме во првите три партии на локално ниво и секако локалните избори се избори на личности. Ако се мотивира вистински кандидат, вредно е да размислиме. Правиме анкети во Тетово на неколку кандидати кои поднесоа кандидатури. Логично е да одиме со наш кандидат, секој да оди со свој кандидат за во вториот круг, кога би останала една владејачка и една опозициска партија, да се поддржи кандидатот од владејачките партии, изјави Заев.
Деновиве, најави, ќе следуваат разговори, но има и доволно време до изборите, скоро три месеци и нешто повеќе.
-Има време да ги направиме соодветните анализи. Многу е важно да го слушнеме народот, граѓаните, што очекуваат од можните кандидати, што е она што најдобро можеме да им го понудиме зашто така ги зголемуваме и шансите за поголем успех во следните четири години, подвлече Заев.