Македонија е исправена пред избор без преседан во поновата историја на нашата земја. Во недела граѓаните нама да избираат помеѓу политички партии и нивни кандидати, нема да избираат помеѓу левица и десница, не избираат помеѓу различни идеологии и решенија.
Македонија во недела одлучува за својата судбина, избира дали ќе ја поддржи борбата за слобода и правото на подобар живот на граѓаните или ќе го алиментира општиот државен грабеж. Во недела јасно избираме:
– дали сакаме правда и правна држава, или корупција и насилие,
– дали сакаме пристоен живот или уште поголемо богатење на фамилијата на Груевски,
– дали сакаме слобода и демократија или режим и терор врз сите неистомисленици,
– дали сакаме функционална држава или злоупотребен и контролиран државен апарат,
– дали сакаме вистина или пропаганда.
Воопшто не сме наивни и не се залажуваме дека оваа власт се сменила за овие две недели и дека во недела ќе дозволи фер и демократски избори. Точно знаеме дека сега, кога царот е гол, не очекуваат уште поголеми злоупотреби и нерегуларности! Во недела излегуваме на избори затоа што веруваме во вас граѓаните!
Излегуваме затоа што веруваме дека Македонија заслужува шанса. Нашата надеж е дека големо мнозинство од вас ќе се одважи, ќе каже стоп на ова целосно пропаѓање на Македонија. Убедени сме дека вие граѓаните ќе ја искористите тајноста на гласањето и ќе го надгласате фалсификатот што власта го прави. Зад параванот сте сами и сами одлучувате. Никој не може да знае за кого сте гласале. Искористете ја таа шанса вашиот глас да се слушне! Дел од криминалот на власта на Никола Груевски излезе на виделина. Голем дел допрва ќе излегува. Но, сега, убеден сум, ви е многу појасно со кого си имаме работа и мислам дека секому му е совршено јасно – ако алиментираме вакво зло во недела, не му се пишува добро никому во Македонија. Не и се пишува добро за жал ниту на нашата земја.
Криминалот ќе продолжи да царува. Младината ќе продолжи да се отселува.
Почитувани граѓани, Многумина од вас, искрено загрижени за исходот од оваа битка што ја почнавме и ја водиме беспоштедно и без калкулации, ме прашуваат изминатите денови дали ова не е Донкихотска битка.
Не е! Не е, драги сограѓани, зашто историјата ни покажала дека доброто секогаш на крајот го победува злото. Така на почетокот изгледаат сите битки за слобода. Како битка на Давид и Голијат. Така изгледале и битките на нашите предци за слободна Македонија, па тие не се откажале.
Тоа бил тестот за претходните генерации, тие го положиле тој тест и ние благодарение на нивната борба ја имаме денес Македонија како наша Татковина. Но, и нашата генерација има тест.
Нашиот тест е токму сега, во недела, дали ќе се избориме против еден бескрупулозен режим или ќе му се потчиниме. Јас верувам дека Македонија и од овој историски предизвик ќе излезе како победник.
Да, точно е, имаме во рингот еден валкан боксер, кој не бира средства, кој ќе ги искористи сите нечесни можности да удира под појас, да манипулира, да лажира, да краде, а притоа сите видоа дека бега и бегаше како кукавица од директен дуел. Но, тој може да победува само додека добрите луѓе молчат и единствено ако е сам во рингот. Јас верувам дека вие граѓаните нема да молчите и гласно ќе му одговорите што мислите за неговиото криминално владеење.
А тебе, Никола Груевски те уверувам дека не си сам во рингот. Во рингот сум и јас Зоран Заев. Во рингот се и 120 храбри борци од листите на опозицијата предводена од СДСМ, на чело со шестемина носители. Не случајно, по твојот пример, и целата твоја тајфа избега од сите соочувања со Рената Десковска, Петре Шилегов, Маријанчо Николов, Хари Локвенец, Васко Ковачевски и Стојко Пауновски.
Почитувани граѓани, Доволно е да се погледнат носителите на листите и да стане јасно кои се луѓето кои сакаат да внесат нов концепт, нов дух, нова свежина во Парламентот, а кои се оние за кои изборите се бегство од лицето на правдата и воопшто немаат намера ниту да стапнат во Парламентот како пратеници. Екипата што стои овде до мене, пред мене, што е пред вас, се луѓето кои ќе ја реализираат Програмата на СДСМ, којашто ќе овозможи квалитетен живот на граѓаните. Сите ние внимателно слушавме кои се проблемите на граѓаните и потоа ги дефиниравме решенијата за тие проблеми.
Ова се само дел од луѓето кои, заедно со останатите наши пратеници, тие решенија ќе ги преточат во закони и жестоко ќе се борат да ја оправдаат вашата доверба. Кого имате на другата страна?
Прв е, се разбира, КАПО ДИ ТУТИ КАПИ, Никола Груевски. Докажавме дека тој е таткото на криминалот во државата, праавторот на криминалната мрежа на оф-шор компании, преку кои се осиромашува Македонија. Човек кому државата не му е пред се, народот уште помалку, туку му е кешот пред се. Нема да избега од одговорноста за милијардите евра проневерени пари на граѓаните што завршија во неговоите приватни џебови и во џебовите на неговата фамилија и блиски соработници. Веднаш до него е неговата десна рака. Онаа рака што го примала кешот. За да биде иронијата поголема, веќе осум години ја извршува најважната функција за борба против криминалот, а единствено што прави е да ја злоупотребува позицијата за заштита на криминалот на фамилијата.
Следува човекот кој се прослави со малку неетичната афера „Милионски тендер за омилената уредничка“. Иако, релативно млад, овој човек веќе успеа да сотре два важни, ако не и најважни, сегмента во општеството – образованието и здравството. Тој е оној што се дрзна да ги учи докторите како се оперира, зашто тој научил од видео-игра. Се разбира тука е и кумот. Ова е човекот кој веројатно повеќе пати го има бакнато Субрата Рој и од неговата жена.
Како резултат на тоа, економијата ни цвета, а вие кои, како мене минувате често низ Овчеполието, лесно можете да ги видите и неговите 20.000 крави инвестиција од Индија. Од крави, не се гледа полето. Зоран Ставревски е човекот кој ја задолжи државата до гуша со кредити што ќе ги враќаме не само ние, туку и нашите деца и внуци. На крај, се и двајцата амбасадори-министри. Антонио Милошоски веќе најави дека штом поминат изборите и граѓаните го изгласаат за нивен претставник во Собранието, тој ќе ја напушти новоизградената елитна куќа во Бардовци и ќе ја летне за амбасадор во Хрватска.
Неговиот колега од шестката, фати обратен правец. Прво како амбасадор во ЕУ постигна забележителни резултати во назадувањето на Македонија во евроинтеграциите, па беше награден да биде министер за надворешни работи. Сега од оваа позиција уште поинтензивно работи на одземањето на кандидатскиот статус на Македонија за членство во ЕУ.
Изборот е Ваш почитувани граѓани. Точно е дека има разлика! Има огромна разлика дали ќе и дадете амин на онаа банда онде која ќе продолжи да ги празни вашите џебовите за да ги полни своите. Или ќе ги поддржите овие луѓе кои ќе направат се парите од државната каса да се вратат во вашите џебови. Одважете се и направете го вистинскиот избор. Вие и вашите деца заслужувате подобра и посветла иднина! Гласајте за промени. За нов почеток на нашата Македонија.