„Мислам дека никој не може да се надева дека глупостите до толку ќе се развиваат во нашата земја. Ако се бориме за правна држава, треба да оставиме правните процеси да течат. Сите заедно имаме обврска да ја враќаме правната држава. Секако пресумцијата на невиност е нешто што сите треба да го почитуваме, но однапред да давате квалификации на правосудниот систем за некој дали има вина или не, дали нарачувал или не, е срамота. Секој што се огрешил пред закон треба да одговара, а секој што е невин да биде ослободен“, изјави премиерот Зоран Заев во врска со изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека е следен и е можно да биде уапсен.
Откако Мицкоски кажа дека нема повеќе да го поддржува Заев во патот кон ЕУ, премиерот рече дека тоа е негова должност.
„Ние сме граѓани, со стратешка цел интеграција на ЕУ. Секој што ќе се дрзне да одмага и да не помага, секој си носи одговорност. Тоа го носиме на изборите како одговорност. Јас верувам дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на своите стратешки определби, а тоа се НАТО и ЕУ и на тој дел ќе даде помош. Посебно во делот на законот за СЈО, за што верувам дека во скоро време ќе треба да одржиме и средба за да разговараме за пописот, Изборниот законик и теми кои се важни“, додаде Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вчера рече дека очекува следно сценарио да биде неговото апсење. Говорејќи за последната полициска акција во која беа уапсени десетина лица, меѓу кои и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека веќе има план во случај на негово апсење.