Еден од координаторите на 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, на денешната 23-та седница на Собранието, посветена на пратенички прашања, упати три прашања до премиерот Заев и тоа за одлуката на Владата законот за јазиците да биде под европско знаменце, ветувањата за 15% поврат на данок и кадровските „промашувања“ во сите три ешалони.
Премиерот Заев одговори на сите три прашања, по редоследот по кои му беа поставени, при што започна со прашањето за европското знаме.
– Еднаквите права на граѓаните се и европски вредности и важни за патот на Македонија кон ЕУ. Затоа одлучивме овој закон да биде со европско знаменце, рече Заев.
Тој истакна дека засега во државата нема разбирање за правата на граѓаните и тоа мора да се промени. На овој одговор на Заев, пратеникот Илија Димовски реплицираше при што го цитираше Деловникот и правилата за кој закон може да се искористи европското знаменце.
– Законот не е целосен, и претседателот на Собранието, Талат Џафери требаше да го врати законот за пленарна седница, за да се исправат неправилностите, рече Димовски.
Во контра реплика Заев дообјасни дека законот е под европско знаменце поради европската конвенција за употреба на јазиците.
– Треба да одиме напред, и да се растеретиме од предрасудите, затоа што само така можеме да се фокусираме на работите кои се важни за нашето општество, рече Заев.
На второто прашање поврзано со повратокот на данок, Заев изјави дека во РМ има 30% даночна енвазија, при што рече дека е убеден оваа мерка ќе реши одредени проблеми во економскиот систем на државата.
– Со оваа мерка ќе дојде до зголемување на приходите во буџетот, а притоа ќе се вратат голем дел од средствата кај граѓаните, кажа Заев.
Премиерот надополни дека со сегашниот систем за данокот државата има сериозни проблеми поради неплаќање на истиот и затоа мора да се промени.
– Со овој нов даночен систем државата ќе го наплати оној дел кој досега не е наплатен, рече Заев.
Во поглед на последното прашање на Димовски, поврзано со „промашените“ кадри, Заев призна дека во брзањето имало грешки, но дека сите поставени кадри засега се само вршители на должност.
– Прв приоритет на оваа Влада е дека треба да има стручен кадар, внатре во институциите. Нестручните луѓе нема да останат на своите работни места, рече Заев.
Виктор Јованов