Заедничка седница на владите на Македонија и на Бугарија во Струмица

Од:

Владите на Република Македонија и Република Бугарија денеска во Домот на АРМ во Струмица ќе ја одржат првата заедничка седница на која ќе бидат потпишани повеќе договори и меморандуми.

Како што соопшти владината прес-служба, предвидена е заедничка прес-конференција на двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов.

Заседанието ќе започне со разговори во четири очи меѓу двајцата премиери по што ќе следи пленарното заседание. Од бугарска страна на седницата ќе учествуваат вицепремиерите Томислав Дончев, Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, министрите Валентин Радев, Николај Нанков, Нено Димов, Румен Порожанов, Ивајло Московски, Емил Караниколов, Теменужка Петкова и Николна Ангелкова.

Се очекува да бидат потпишани девет документи за билатерална соработка во областа на надворешната политика, инвестициите, енергетиката, одбраната, туризмот, телекомуникациите, инфраструктурата и за реакции при природни катастрофи. Во текот на седницата треба да биде потпишан и меморандумот за разбирање меѓу Министерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Бугарија и македонското Министерство за информатичко општество и администрација за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги, што го одобрија вчера владите на двете земји.

Договорите се дел од исполнувањето на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство потпишан на 1 август годинава во Скопје.

Пред почетокот на пленарната седница премиерите Заев и Борисов ќе положат цвеќе пред споменикот на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски. Предвидена е и церемонија на врачување на специјализирано превозно средство за лица со попреченост, донација од Бугарија за општина Струмица.

За потребите на медиумите во Домот на АРМ во Струмица, ќе бидат обезбедени работни простории.

Ова е прва меѓувладина седница што ја одржува Владата на Заев со Влада на држава од соседството. Во декември во Подградец е договорена и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија.

Завчера за време на официјалната посета на премиерот Заев на Белград договорена е и заедничка седница со Владата на Република Србија, која би требало да се одржи крајот на февруари или на почетокот на март идната година.

Би можело да ве интересира

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата

Зошто се одложува изборот на нов универзален снабдувач на струја за домаќинствата?

А1он