За Владата бугарското вето е неуспех за ЕУ, македонскиот идентитет и јазик не се предмет на преговори

Од:

Досега не се создадоа соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и поради тоа, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ. Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи, велат од Владата по вестите од Брисел дека Бугарија и формално го блокира почетокот на преговорите за членство на Македонија во Европската унија.

Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017, посочуваат од Владата и додаваат дека нашата позиција е јасна: европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди. 

Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци коишто зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање.
Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците, велат од Владата.

Оттаму посочуваат и дека Македонија и Бугарија се блиски држави, а македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле исклучително блиски, а сега сме и сојузници во НАТО, а односите меѓу двете земји треба уште повеќе да се подобруваат, со взаемна почит и разбирање.

Имаме заеднички геополитички интереси, за самите себеси, но и за регионот. Наш заеднички интерес е целиот Балкански регион што побрзо да се интегрира целосно во ЕУ, да се поврземе инфраструктурно, преку Коридор 8, да овозможиме полесен проток на луѓе, идеи, стоки и капитал, да изградиме добри услови за бизнисот, да ги зголемиме инвестициите – тоа е вистински патриотизам и лидерство, велат од „Илинденска“.

Од Владата изразуваат благодарност за зајакнатиот ангажман на германското претседателство со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката Меркел. Вложивме сериозни дипломатски напори да создадеме услови минатото да не биде кочничар на иднината. Ќе продолжиме интензивно да разговараме во интерес на нашата европска иднина при што сметаме дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници, затоа бараме „win-win“ позиција, објаснуваат од Владата.

Оттаму упатуваат голема благодарност до сите наши граѓани од сите етнички заедници во Северна Македонија и до сите политички претставници на различните заедници во земјата, за поддршката која се дава на македонскиот народ во овие моменти со цел заштита на македонскиот идентитет и за останувањето посветени на европскиот пат.

Од Владата уверуваат дека ќе останат на истиот стратешки колосек, кој е потврден со испорачаното полноправно членство во НАТО, како и дека „ќе продолжат со реформите со силен интензитет“. Наша обврска е да ги спроведеме европските стандарди дома. За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Патот ни е многу трнлив и полн со предвидливи и непредвидливи предизвици. Но, нема откажување. Реформите продолжуваат. За крај, од Владата потенцираат дека нема ни трошка вистина во манипулациите кои ги пласираат дел од опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ, за наводно “распродавање на македонскиот идентитет”.

Би можело да ве интересира

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов